Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) по повод првиот Меѓународен ден на пчелата 20 мај ги повикува државите и поединците да сторат повеќе за да ги заштитат пчелите и другите опрашувачи или во спротивно, да ризикуваат пад на разновидноста на храната.
Светски ден на пчелата, како што информираат од ФАО, првпат се одбележува денеска во словенечкото село Брезница, под покровителство на словенечкиот претседател Борут Пахор. Брезница е родно место на Антон Јанша, пионер на современото пчеларство, а неговиот роденден, 20 мај, е избран за одбележување како Меѓународен ден на пчелата, секоја година.
Генералниот директор на ФАО, Хозе Грацијано да Силва, на официјалната церемонија, нагласил дека земјите треба да се пренасочат кон поодржливи системи и политики за храна кои имаат позитивно влијание врз опрашувачите.
- Не можеме да продолжиме да се фокусираме на зголемување на производството и продуктивноста преку масовна употреба на пестициди и хемикалии кои се закануваат на земјоделските култури и опрашувачите, истакнал Грацијано да Силва.
Родот и квалитетот на повеќе од 75 проценти од светските прехранбени производи се потпира до одреден степен на функцијата на опрашувачите. Отсуството на пчелите и други опрашувачи би ги искоренило кафето, јаболката, бадемите, доматот и какаото – само дел од културите кои зависат од опрашување.
- Преку агро-екологијата, ФАО има за цел да ги оптимизира интеракциите помеѓу растенијата, животните, луѓето и животната средина. Потребни се иновации и тие мора да бидат базирани на креирање на нови знаења, комбинирање на науката со локалните знаења и искуства, како општествен процес, изјавил Грацијано да Силва, се вели во соопштението од ФАО.
Словенија и ФАО се први во воспоставувањето на Меѓународниот ден на пчелата преку Резолуцијата на Генералното собрание на ОН усвоена едногласно минатата година, со поддршка од Апимондиа - Меѓународната федерација на здруженија на пчелари, како и од словенечкото здружение на пчелари и Министерството за земјоделство, шумарство и храна.