Со македонскиот фолклор, македонската изворна музика и македонски детски песни се запознаа посетителите и учесниците на Шестиот меѓународен фестивал на мултијазичност, што викендов се одржа во Солун.
Асоцијацијата за фолклор „Плетенка“, изворниот оркестар „Рудина“ и детскиот хор „Ѕвончиња“, сите од Битола, изминатиот викенд учествуваа на фестивалот што секоја година, традиционално го организира општина Солун.
Претставници на македонските групи, во разговор со дописничката на МИА од Атина, ги пренесуваат нивните впечатоци. Сите се презадоволни и од нивните настапи и од приемот од публиката и организаторите, но и се согласни со тоа дека музиката и културата повторно победија во Солун и докажаа дека на вакви манифестации нема место за политика.
Битолскиот хор „Ѕвончиња“, во кој членуваат деца на возраст од пет години до 15 години, за прв пат се претстави пред публиката во Солун, настапи со 30-минутна програма, а впечатоците се повеќе од позитивни, како што вели Марина Коруновска, професор по соло пеење и диригент на хорот.
- Настапивме со 11 македонски и англиски композиции, со нас, исто така, беше и бенд со клавир, гитара, бас гитара и кахон, кои што нѐ придружуваат на сите наши настапи и концерти. Од публиката сум исклучиво многу задоволна, многу убава реакција имаше. Имаше и луѓе од другите сали кои што влегуваа да нѐ слушнат и навистина поминавме многу убаво. Децата се презадоволни и од приемот , вели Коруновска за МИА.
Таа додава дека позитивни биле реакциите и од организаторите, па затоа во иднина ќе продолжат контактите со детскиот хор, за можно ново учество на фестивали во Солун за повторно да ја претстават Македонија.
Коруновска додава дека и овој пат музиката ги надмина сите разлики што постојат меѓу двете соседни земји.
-Никакви бариери не постојат, пеевме на македонски јазик, македонските песни беа исклучително добро прифатени од публиката, имаше и аплаузи и на средина на песните и беше навистина убаво, потенцира Коруновска.
Претседател на изворниот оркестар „Рудина“ од Битола, кои, исто така, настапија во рамките на 6от Фестивал на мултијазичност, смета дека освен јазичната бариера, нема други разлики. Никола Трајковски додава дека потребно е да има повеќе вакви настани за приближување на двете земји.
-Добро е да има што повеќе, што почесто вакви средби помеѓу различни култури. Недостига блискост со грчката страна, можеби поради јазичната бариера, што е голем предизвик. Со другите балкански земји е полесна комуникацијата, со грчката страна е потешко, сепак бидејќи македонскиот и грчкиот јазик се многу различни, се чувствува таа бариера, меѓутоа како луѓе не сме имале никакви проблеми, вели за МИА, Трајковски од битолскиот оркестар, кусо по нивниот настап во Солун.
Тој додава дека биле одлично примени од присутните, а реакцијата на публиката била прекрасна, топла и пријатна.
Членовите на „Рудина“ настапија со различни песни од неколку краеви на Македонија, а посетителите и учесниците на фестивалот со македонскиот фолклор се запознаа и преку настапот на Асоцијацијата за фолклор „Плетенка“ од Битола. Претседателот на асоцијацијата Златко Стојчевски , вели дека 30 минутниот настап поминал одлично.
-Прекрасно бевме пречекани во соработка со конзулатот на Македонија. Домаќините прекрасно нѐ пречекаа видовме разни култури ја претставивме и нашата култура во Солун. Искрено не очекувавме дека така топло љубезно ќе бидеме пречекани исто како да се наоѓаме кај искрени пријател, вели Стојчевски во разговор за МИА.
Асоцијацијата за фолклор „Плетенка“ и изворниот оркестар „Рудина“ кои со 44 членови настапија во Солун, постојат 18 години и имаат настапувано и учествувано на фестивали како во Македонија, така и во земјите од регионот, со цел во најдобро светло да ги претстават македонскиот фолклор и македонската изворна музика.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, Асоцијацијата за фолклор „Плетенка“, изворниот оркестар „Рудина“ и детскиот хор „Ѕвончиња“, изминатиот викенд, за прв пат се претставија на фестивал во Солун.