Парада на противпожарни возила се реализираше денеска во Кавадарци, по повод вчерашниот ден на македонските пожарникари.
Целта е, како што беше речено, да се подигне противпожарната свест кај населението, со цел што е можно помалку пожари. Парадата започна од кај зградата на граничната полиција во новиот центар, продолжи кон плоштадот и првиот триаголник, заврши кај спортската сала „Јасмин”.
- Ја комплетиравме Територијалната противпожарна единица како со кадар, така и со опрема. Наместо поранешните десет, сега има 26 пожарникари. Се стремиме кон максимална заштита, рече меѓу другото градоначалникот Митко Јанчев, потсетувајќи на двете донирани возила од „Машиникоп” и „Екстра-бус”. Притоа најави донација од „Дрекслмаер”, целокупна опрема за сите пожарникари. Присутните во дворот на спортската сала, имаа можност да видат и показни вежби.
Командирот на противпожарната единица, Илчо Богевски појасни дека преку показните вежби, се претставува спремноста на пожарникарите да дејствуваат при гаснење на пожари, извлекување и спасување на лица.