Градоначалниците на општина Гостивар Арбен Таравари и на хрватската општина Света Недеља Дарио Зуровец викендов ја потпишаа Повелбата за пријателство и соработка помеѓу двете општини, со што овие два града се збратимија. Повелбата за пријателство и соработка беше потпишана во саботата на свечената седница на Градскиот совет на Света Недеља по повод Денот на градот.
Гостиварскиот градоначалник Таравари во обраќањето изрази особена чест што Општина Гостивар стана партнер на Света Недеља.
- Општина Света Недеља е совршен пример за тоа како функционирањето на општинската администрација и соработката со бизнис секторот може да создаде клима за работа и живот. Со збратимувањето на нашите две општини, убеден сум дека ќе имаме голема корист од меѓусебната размена на искуствата рекол градоначалникот Таравари.
Домаќинот, Дарио Зуровец, нагласил дека темелите на оваа соработка се остварени благодарение на почесниот конзул на Република Хрватска во Скопје, Вита Хузјан.
Збратимувањето на двете општини треба да воспостави пријателски, културни, општествени и претприемачки односи, како и подобрување на развојот на меѓудржавната соработка на локалните заедници во име на демократијата и заедништвото.
Претходно, Советот на Општина Гостивар едногласно ја усвои одлуката за збратимување на општина Гостивар со Света Недеља.