Проектот на НУ Музеј Куманово, „Кокино - македонски бренд“ ја доби наградата музејски проект од Македонскиот национален комитет од Меѓународниот совет на музеите, по повод Меѓународниот ден на музеите.

Наградата, сметаат од кумановскиот музеј е поттик за нивен натамошен ангажаман и реализација на проекти со кои ќе се промовира локалитетот. Директорот на установата, Богдан Таневски, изјави дека оваа награда за музејот е признание за успешно реализираните проекти од областа на науката, но и туристичка промоција на Кокино.

Проектот бил финансиран од УНЕСКО, а е посветен на археолошката и астрономската уникантност на локалитетот.

За овој проект, посочи археологот Дејан Ѓорѓиевски музејот аплицирал во 2016, а бил реализиран во 2017 година. Во рамки на проектот, потсети Ѓоѓриевски, бил реализиран меѓународен симпозиум на кој учествувале научници од повеќе држави кои презентирале трудови поврзани со локалитетот и со праисториските ритуали и трудови од астрономски аспект.

- Особено ни значи што некој го вреднува нашиот труд, изјави Ѓорѓиевски.

Во рамки на проектот беше реализирана и изложба, беше изработен каталог, излезе и зборникот на трудовите презентирани на конференцијата.

- Се надеваме дека повеќе луѓе од научната јавност ќе дознаат за вредностите и уникатното значење на Кокино, додаде Ѓорѓиевски.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/05/2018 14:14