Програмата на петтиот по ред меѓународен фестивал на комедијата „Гола месечина“ што ќе се одржи од 18 до 24 јуни во Спортскиот центар Ново Лисиче беше презентирана денеска на прес-конференција во Театар Комедија.

Директорот на Театар Комедија, Сашо Ристовски и селекторот на Фестивалот, актерот и режисер Роберт Ристов, информираа дека годинава ќе се натпреваруваат три претстави од странство и три од Македонија. Последниот ден кога ќе бидат прогласени победниците, фестивалот ќе се затвори со детска претстава и стендап комедија.

Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, изјави дека ова е уникатна можност за сите љубители на театарот да проследат квалитетни претстави од македонската и меѓународната сцена и ги покани граѓаните да бидат дел од оваа културна манифестација.

Општина Аеродром годинава издвои еден милион денари за поддршка на овој културен настан и дава логистичка и медиумска поддршка.

Инаку, на Фестивалот ќе бидат доделени награди за најдобра режија, најдобар актер, најдобра актерка и за најдобра претстава во целост. Од оваа година фестивалот внесе уште една категорија на награда – награда за епизодна улога.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/05/2018 14:27