Националната галерија на Македонија (НГМ) вечер од 18 часот во објектот Чифте амам организира трибина „Културолошка инклузија на лицата со посебни потреби во Република Македонија“, откако во петокот во тој галериски простор ја отвори изложбата „Од мој агол“.
Трибината е дел од проектот „Уметност за сите“ кој е поддржан од Холандската амбасада, а со цел да се актуелизира прашањето како македонското општество пристапува кон вклучување на оваа ранлива категорија граѓани во културните случувања и нивното учество во создавањето уметност.
Според НГМ, процесот мора системски да се решава со заедничка соработка на министерствата за труд и социјална политика и за образование и наука, невладиниот сектор, училиштата и родителите за на овие лица да им се овозможи квалитетен живот од најрана возраст.
- Националната галерија на Македонија во последниве години значително придонесува во подигнување на јавната свест за најранливите категории деца преку организирање голем број ликовни работилници. Од досегашните искуства ваквите проекти го поткреваат духот и расположението кај сите, што е мотив за нас како институција за што поголемо учество во следни проекти, наведува НГМ.
Покрај од Галеријата, на трибината ќе учествуваат претставници од МТСП и МОН, од Филозофскиот и од Факултетот за драмски уметности, од невладината организација Аутизам МК и родители.