После секои врнежи улиците низ Тетово се поплавуваат. Освен водата од врнежите по тетовските улици често пати се забележуваат и канализациски води, што по сушењето смрдат. Најлошо вчера изгледаа улиците во долниот дел од градот, но поплавени улици имаше и во селата Мала Речича, Голема Речица и Палчиште.
Арбен Алиу од Мала Речица за МИА изјави дека „до денеска е реагирано милион пати во општина Тетово, но и по последното двојно целосното поплавување на овие села и предизвиканите огромни штети, од општината ниту еднаш не е реагирано како што треба.
По вчерашните врнежи, исто така, поплавени се и неколку подруми, особено во долниот дел на градот. Жителите на населбата Дарданија, денеска за МИА изјавија дека сами се бореле со надојдените води.
-И покрај тоа што немавме голема штета, крајно време е општината да почне да работи на заштита од поплавите, ни изјавија локалните жители.
Во врска со овој проблем од општина Тетово ни изјавија дека за кратко време ќе почнат со работите на санирање и заштита од поплавите. На истата тема, ден предходно беше потпишан договор меѓу општина Тетово и Министерството за животна средина. Со одвоените средства- 17,5 милиони денари за канализација и црни води, владата ќе одвои и пет милиони денари или 30 отсто од потребните пари за проектна документацијата за канализацијата и црните води.