Во касарната „Боро Менков“ во Куманово, со примопредавање на военото знаме на командата, должноста командант на Здружената оперативна команда (ЗОК) официјално ја презеде бригадниот генерал Павле Арсоски.

Арсоски доаѓа на местото на досегашниот командант, генерал мајор Зоран Милески, кој заминува на местото директор на ГШ на АРМ.

На свеченоста по повод примопредавањето на функцијата присуствуваше и заменик началникот на ГШ на АРМ генерал мајор Азим Нуредин, кој во својот говор му оддаде признание за досегашната посветеност и работа на генерал мајор Милески, а на новопоставениот командант Арсоски му посака успешно завршување на задачите на оваа команда.

Генерал мајор Милески со своето обраќање ги потенцираше досега извршените задачи, меѓу кои и учествата и организациите на бројни национални и меѓународни настани, вежби, оценувања. Тој ги повика припадниците на АРМ како и досега максимално да се залагаат во извршување на задачите и му посака успех на новоназначениот командант на ЗОК.

Новопоставениот командант Арсоски потсети на значењето на АРМ, на нејзините достигнувања и укажа дека постојано мора да се вложува во човечкиот потенцијал.

- Чест, но и одговорност е да се предводи најголемата воена структура во рамките на Армијата. Од мене како командант, можете да очекувате јасен систем на вредности и јасни предуслови за успех во работата. Очекувајте правично вреднување на трудот и успехот. Особено ќе се цени придржувањето на нормите од етичкиот кодекс и високите морални особини, рече Арсоски.

Бригадниот генерал Арсоски е роден во Гостивар. Завршил високо образование на Воената академија во Белград, јазична обука во Германија, постдипломски студии во Воената академија во Скопје. Се школувал во Европскиот центар за безбедносни студии во Германија, докторант е на Институтот за национална историја на УКИМ. Автор е на бројни трудови, коавтор е на уредбата за знак на припадност на АРМ и нејзината доработката. Во својата кариера ги има поминато сите должности, а последната му беше заменик на командантот на ЗОК.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/05/2018 14:35