Промоција на новото пијано со концерт „Вечер со пијано“ од страна на пиајанистите Дино Имери, Шкелзен Бафтиари, Арда Мустафаоглу и Нита Груби ќе се одржи вечерва во Салот 19:19.
Дино Имери (1990) е еден од најбараните македонски пијанисти. Соработува со престижни оркестри како Стразбуршка Филхармонија, Софиска Филхармонија, Македонска Филхармонија, Македонска Опера и Балет, Симфониски, Камерен и Биг Бенд Оркестар на ФМУ-Скопје, Камерен Оркестар на Музичка Младина на Македонија „Саша Николовски-Ѓумар", а рецитално настапува на најпрестижните европски сцени од Македонија до Австрија, Франција, Италија, Хрватска, Бугарија, Србија.
Шкелзен Бафтиари дипломирал на Државниот Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ - Скопје, на Факултетот за Музичка уметност со највисока оценка „Цум Лауде“ во класата на проф. Борис Романов.
Магистрирал во истата институција со највисока оценка „Цум Лауде“ во класата на проф. Симон Трпчески.
Настапувал на голем број концерти во и вон државата како солист, со камерна музика, како и солист со Симфониски оркестри. Има освоено голем број награди на Националните и Интернационалните натпревари ,како и две години по ред втора награда во Благоевград, втора награда во Конкурсот „Војислав Вучкович“ во Белград, Лауреат на натпреварот “Валентино Бучхи” во Рим (Италија), втора награда на конкурсот „Николај Рубинштајн“ во Парис, втора награда во Торино и многу други.
Арда Мустафаоглу (2002) е добитник на многу награди на меѓународни натпревари: Гран-при и награда за најдобра интерпретација на турски композитор на ЕМЦИ Меѓународниот натпревар во Истанбул-Турција, лауреат на Меѓународен натпревар „Музиката и земјата“ во во Софија, прва награда и специјална награда за интерпретација на компзиција од 21. век на интернационалниот натпревар „Антонио Салиери" во Верона-Италија, прва награда и лауреат на меѓународниот музички фестивал „Сириум ” во Сремска Митровица, прва награда на онлајн Меѓународниот музички натпревар „Најдобра Моцарт изведба".
Во рамките на националната програма на Министерството за култура, Арда реализира солистички концерти и настапува со Македонската филхармонија.
Нита Груби е родена во Скопје 1995 година, потекнува од музичко семејство. Основно музичко училиште завршува во класата на проф. Лудмила Романова и веднаш потоа ја завршува првата година од средно образование во класата на проф. С. А Чадиковска во Д.М.Б.У.Ц „Илија Николовски-Луј“ во Скопје со одличен успех.
За време на овој период таа е добитник на повеќе први награди како учесник на меѓународните натпревари „АрсКосова” - Приштина во 2006, 2008, 2011 година.
Исто така учесник е на натпреварите во организација на здружението на музички и балетски педагози во Македонија, каде е добитник на трета награда 2007-Битола, втора награда - Камерно дуо Скопје 2011 година.