ЕВН и еколошкото друштво „Аквила“ од Кавадарци од денеска почнаа со поставување на над сто изолатори на електричните столбови во Овче Поле, со цел заштитата на царскиот орел, кој е на црвената европска листа на загрозени видови. Портпаролот на ЕВН, Атанас Ковачевски вели дека ЕВН веќе дестици години ги поддржува акциите за заштита на животната средина, почнувајќи прво со поставување гнезда за штркови, куќички за модра врана...

- Со ова ќе придонесеме за овој вид, инаку загрозен во нашава земја, да биде заштитен. Ќе бидат поставени изолатори на над сто столба во Овче Поле и со ова ќе придонесеме да се заштити овој вид, да биде одржлив неговиот развој и се уште да можеме да го гледаме на нашето небо, вели Ковачевски.

Емануел Лисичанец од еколошкото друштво „Аквила“-Кавадарци вели дека поставување на вакви изолатори за заштита на царскиот орел е прва ваква акција во земјава. Македонија е лидер на Балканот по број на гнездечки двојки од царски орли, а официјални има 35 вакви двојки

-Електричните столбови во Овчеполието, заради недостаток на поголеми дрва, сите поголеми грабливи птици ги користат како одморишта или места од кои што го набљудуваат можниот плен. Меѓутоа при врнежливи денови, при полетување, затоа што распонот на крилјата на некои им е поголем од два метра, доаѓа до допир со електричните водови и притоа доаѓа до струен удар. На тој начин многу птици угинуваат, вели Лисичанец.

Тој појаснува дека изолирањето на опасните проводници ќе придонесе за намалување на смртните случаи кај птиците. Еколошкото друштво „Аквила“ изолаторите ги добиле како донација од Фондацијата „Рафорт“ од Англија, а поставувањето го вршат екипите на ЕВН.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/05/2018 15:25