Тројца планинари од Здружението за планинарење и заштита на планината „Калин Камен“, Крива Паланка се искачија на врвот Света Гора, на Планината Атсо во Грција, на полуостровот Халкидики, висок 2.033 метри.

Соцко Тасевски е еден од тројцата планинари кој беше во групата од Крива Паланка, втора годинава од Македонија, по онаа од Струмица, што успеа да добие виза од Министерството за надворешни работи на Грција за да може да ја реализира планинарската акција и авантура, како што вели.

- Најпрвин, за да се биде дел од искачување на Света Гора, исклучително е тешко бидејќи тешко се добива визата. Најпрвин се поднесува барање за благослов до еден од манастирите, вкупно дваесет на најголемото монашко и духовно прибежиште на Балканот. Игумените и монаштвото од манастирите релативно лесно одобруваат да бидат посетени и даваат благослов, одредувајќи датум за посета. Потоа, оттаму го доставуваат благословот како барање до Грчото Министерство за надворешни работи, кое решава по истото.Специфично е, процедурата трае долго, можеби два или три месеци, а барањата, најчесто, 90 отсто од нив ги одбиваат. И во нашиот случај беше така, од деветмина кои поднесоа барања, само тројца добија виза, рече тој.

Одобренија за посета на Светогорските манастири и искачување на врвот добиле Соцко Тасевски, Денис Ангеловски и Стоиле Стојановски. Откако добиле виза, која трае релативно кратко, од 18 до 21 мај, пристапиле кон подготовки, а стапиле во контакт и со уште еден планинар до Куманово со кого заедно се искачувале.

- Со сопствен превоз стасавме до Уранополис, последниот град на копно од каде со брод, околу два часа, се патува до Света Гора. Стасавме на пристаништето Света Ана и се качувавме по таа рута, аптека која најпрвин не однесе до 1.500 метри, кај манастирот Панагија, по Грчки, а на Македонски - св. Богородица. Тука планиравме да преспиеме и одмориме, за да утредента го искачиме врвот Света Гора, но најавите за дожд и лошо време не предомислија, па, собравме сили и со многу напор ја искачивме патеката во еден ден, иако според категоризацијата се смета за тешка планинарска патека, додава Тасевски.

Тој рече дека специфичната конфигурација на теренот, карпест предел и дождот, го направиле искачувањето многу тешко, зашто поради дождот, карпите биле лизгави, а стрмнината и нагорницата опфаќаат речиси 60 отсто од целата патека.

Рече, сите планинари кои се искачуваат на Света Гора се православни христијани, а од групата четириесетина луѓе кои тргнале кон врвот, само дваесетина успеале да го освојат, зашто дождот го отежнал искачувањето.

Годинава, покрај кривопаланечките планинари и еден кумановец, единствени македонски планинари кои се искачиле на Атос во 2018 година се планинари од Струмица.

На Света Гора има околу дваесетина манастири и околу две илјади монаси. Дневно на Света Гора може да влезат најмногу 100 луѓе, туристи, тоа е максималниот број визи кои се одобруваат. Она што им оставило голем впечаток е испосничкото живеење на монасите во манастирите на Св. Гора.

Иако се е испоснички и сведено на основни потребштини, Тасевски рече дека сепак, има мрежа и се користат мобилни телефони.

Она што како специфичен момент го напоменаа е и тоа што во моментот на посета, во еден од манастирите владееле фаза на своевиден молк, атмосфера на избор на игумен, поради тоа што игуменот бил неодамна починат, па монашкото братство избирало нов.

Од мештани во Уранополис, на враѓање, дознале дека во монашкото братство на Света Гора има и еден Македонец.

-Еден од сосптвениците на угостителски објект во Уранополис, кога се вративме од манастирите, ни раскажа дека таму се испостува, под монашко име, монахот Савос Вељановски од Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/05/2018 15:26