Женското претпримеништво го газат менталитетот, стереотипите што ги имаме, недостатокот од финансии, односно недоволни сопствени средства или имот на сопствено име. Тоа се проблемите поради кои жените не одат во поголеми бизниси и зошто не ги развиваат, смета Валентина Дисоска, претседателка на Здружението на „Бизнис жени“.
Ова беше истакнато на денешната промоција на проектот „Женско претприемништво за конкурентност“ што се одржа во Струмица.
Според неа, жените многу потешко имаат пристап до финансии, иако генерално ги делат истите проблеми кои ги имаат и мажите претприемачи.
- Жените во Македонија се повеќе во услужните дејности или пак во оние занаети кои веќе ги имаат научени и од тоа прават бизнис. Прво почнуваат со сива економија, па потоа доколку го видат бенефитот одат кон формирање на микро компании, кои немаат голем обрт, ниту голем профит, вели претседателката на Здружението на „Бизнис жени“, Валентина Дисоска.
Во текот на реализирањето на проектот ова здружение ќе работи на запознавање на жените со менаџирање на бизнисите, како и на други алатки како што ИТ алатките, зелената и социјалната економија, односно развивање на алтернативни алатки за водење бизнис.
На промоцијата беше истакното дека можат да се користат сите можности за финансирање и помош кои ги нуди Владата, како и користење на фондови кои ги нуди Европската унија.
Според податоците на Здружението „Бизнис жени“ околу 30 отсто од вкупниот број на претприемачи во Македонија се жени. Претежно тие работат во микро фирми и мали производствени компании.
Проектот го спроведуваат GTF - Иницијативата за одржлив раст од Република Хрватска и Здружението на „Бизнис жени“, финансирани од Европската Унија, преку ИПА програмата, во текот на целата 2018 и дел од 2019 година.