Општина Охрид не е во можност самостојно да ја финансира изработката на деталните урбанистички планови за секој од 19-те урбани комплекси во старото градско јадро во Охрид и урбанистичко-планската документација за крајбрежниот појас, кои треба да се поднесат до Центарот за светско наследство на УНЕСКО.
Во Акцискиот план на Владата се наведени ингеренциите на општините Охрид, Струга и Дебрца кои треба да достават до Националната комисија на УНЕСКО урбанистичко-планска документација за крајбрежната област, а општина Охрид се задолжува да почне постапка за донесување ДУП-ови.
На денешната прва надзорна расправа за Законот за управување со Охридскиот регион и сродната регулатива во контекст на Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на природното и културното наследство, на седница на собраниската Комисија за култура, охридскиот градоначалник Јован Стојановски рече дека најприоритетна задача е донесување измени на Законот и побара сериозно да се пристапи кон изработка на плановиите, особено на планот за управување со охридскиот регион, со природното и културното наследство, а паралелно и почнатите планови за управување со Охридското Езеро и планот за управување со сливното подрачје.
- Ако ги имаме тие стратешки документи, Општина Охрид ќе нема проблеми. Ќе имаме проблеми во доменот на урбанистичко планирање, но со профукционирањето на Комисија за управување со природното и културното наследство веќе е сменет и менталитетот на граѓаните, рече Стојановски.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески рече дека располагаат со 15 милиони денари наменети за финансирање урбанистички планови и смета дека со нив треба попрво да им се помага на помалите општини кои немаат никакви буџети, зашто поголемите општини, рече, имаат доволно средства и буџети за да ги прават урбанистичките планови. Посочи дека огласот што наскоро ќе го распишат за финансирање ДУП-ви нема да важи само за Охрид туку рамноправно за сите општини.
- Јас никаде не сум ветил дека Охрид ќе ги добие тие 15 милиони денари или без разлика за која општина станува збор. Постои оглас со дефинирани приоритети што треба да се земат предвид. За овие 19 планови Министерството за транспорт и врски, согласно со укажувањата на Управата за заштита на културно наследство и на УНЕСКО, нема да дозволиме да се создава ситуација таму да се направи нешто што не го сака ниту УНЕСКО, ниту охриѓани, ниту стружани, рече Сугарески. Во однос на легализацијата на бесправно изградени обејкти, рече дека прво мора да постапуваат општинските градежни инспекции.
Министерот за култура Роберт Алаѓозовски рече дека Владата за краток период од шест месеци се посветила на процесот за надминување на, како што рече, катастрофалната состојба во која беше доведен охридскиот регион, што беше констатирано од мониторинг мисијата на Центарот за светско наследство на УНЕСКО во 2017 година.
- Од неа произлегоа препораките од Одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО донесена на неговата 41. седница во Краков, според која на охридскиот регион му се заканува опасност да го загуби статусот на добро впишано на листата на светско наследство а Охрид и да биде ставен на листата на градови во опасност на УНЕСКО. Министеството за култура и Националната комисија на УНЕСКО максимално се заложија за хоризонтално интерресорско ниво да координираат и реализраат конкретни активности со цел да се постапи согласно со препораките на УНЕСКО, а Охрид, охридскиот регион и Струга да го задржи статусот кој му припаѓа, рече Алаѓзовски.
На почетокот на годинава на владина седница беше усвоен Акциски план во чиј фокус се активности и одлуки што треба да се реализираат до 1 декември 2018 кога треба да се достави извештајот за напредокот во 2018 година до Центарот за светско наследство на УНЕСКО, како и активностите што треба да се реализираат во 2019-та. Меѓу преземените активности е и формираната Комисија со членови од 23 институции која профункционира осум години по донесувањето на законот со која беше предвидено нејзиното формирање.
Во однос на загрозеноста на Охрид како природно добро и проблемот со комуналниот отпад, министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки рече дека Владата е во процес на создавање регионален систем за менаџирање на депониите.
- За сите плански региони одлуките на општините се веќе усвоени, освен на општина Дебрца и во наредниот период ќе се соопшти јавен повик за целиот правен процес за сите заинтересирани за давање под концесија за изградба на депонија во период од 30 години. За депонијата во Струга МЖСПП и Владата имаат определено 200.000 евра за нејзино менаџирање. Верувам дека за две години ќе имаме интегрирано управување, рече Дураки.
Од 1980 година Охрид и охридскиот регион се впишани на листата на УНЕСКО како културно и природно наследство. Таков мешовит статус по двојна основа имаат само 35 добра на листата на УНЕСКО од вкупно 1 078 добра во светот. Само природни се 832, а културни се 206 добра.