Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска учествуваше на панел дискусијата „Има ли шанси отвореното општество во Македонија’’, организирана во рамки на одбележувањето на 25-годишниот јубилеј на Фондацијата отворено општество Македонија.
Во своето обраќање, Царовска нагласи дека борбата за отворено општество ниту е запрена, ниту во моментов сите пори на општеството се отворени, соопшти Министерството за труд и социјала.
- Се уште сме во зародиш на воспоставување на системи кои значат основа за комуникација со граѓанското општество и вклучување на граѓаните во процесите на донесување одлуки, изјави таа.
Царовска оцени дека институцијата со која раководи успешно се движи во таа насока, а во наредниот период засилено ќе се градат партнерства кои ќе го вклучат граѓанството во донесувањето одлуки, но и во нивната имплементација. Тоа ќе се случи со новиот закон за социјална заштита, особено во делот на обезбедување на социјалните услуги, како главен столб на реформата. Плуралната социјална заштита значи градење систем во кој и граѓанските организации, и приватниот сектор, но и физички лица учествуваат и испорачуваат услуги, а нив ги купува државата.
Како што нагласи министерката, граѓанските организации треба да се вклучени и во креирањето, но и во критикувањето на политиките. Во таа насока треба дополнително да се развијат структурирани владини механизми за двонасочна комуникација со граѓаните и организациите.