Во измените и дополнувањата на Законот за ловство во делот на глоби покрај за ловџиите предвидени се казни и за концесионерите и за правните лица кои се занимаваат со оваа дејност. За нив глобата изнесува до 5.000 евра во денарска противвредност.
Глоба во износ од 5.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на концесионерот на дивечот во ловиштето или на друго правно лице, ако:
1) не води евиденција за ловење на дивеч без заштита,
2) врши дејствие во ловиштето забрането со членот 19 став (1) од овој закон;
3) не организира ловочуварска служба или за ловочувар постави лице кое не ги исполнува условите од членот 25 на овој закон;
4) дозволи ловочуварот да ја врши службата без униформа, без оружје или без легитимација,
5) не води евиденција за издадените легитимации за ловочувари и до 31 декември во тековната година не доставува податоци за лицата кои поседуваат легитимација до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство,
6) не го извести Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за настанатите промени на ловочуварската служба во текот на годината,
7) оградува посебен простор - размножувалиште или простор за интензивно одгледување и застрел на дивеч, спротивно на членот 33 од овој закон;
8) не плати годишен надомест за користење на дивечот во ловиштето или истиот не го плаќа во одредениот рок,
9) не се придржува кон мерките утврдени во посебната ловностопанска основа,
10) не изготви годишен план за спроведување на посебната ловностопанска основа или истиот не го изготви во предвидениот рок,
11) не го достави годишниот план на мислење,
12) во посебната ловностопанска основа не ги евидентира извршените работи во ловиштето во предвидениот рок,
13) гази дивеч со возило или лови дивеч со чамец на моторен погон,
14) лови дивеч со лак и стрела и со птици грабливки (соколарење) без одобрение,
15) дозволи ловење на дивеч спротивно на одредбите од членот 55 став (3) на овој закон;
16) издаде дозвола за ловење на лице спротивно на членот 57 ставови (2), (3), (4), (5) и (6) од овој закон;
17) не издаде потврда за потеклото на дивечот, деловите од дивечот и трофеите од дивечот,
18) стави во промет жив дивеч, застрелан дивеч и делови од дивечот без потврда за потеклото и потврда за ветеринарен преглед,
19) не води евиденција за сопственикот и потеклото на дивечот и делови од дивечот и истата не ја доставуваат на крајот на месецот за изминатиот месец до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство,
20) не ја надомести штетата причинета од незаштитен дивеч ако пропише посебни услови за ловење,
21) бесправно лови и не му ја надомести штетата на концесионерот на дивечот во ловиштето нанесена на дивечот,
22) корисниците на земјиштето и водите не го заштитуваат дивечот под заштита во ловиште или надвор од него,
23) не го извршува решението на ловниот инспектор од членот 75 став (2) на овој закон и
24) на ловниот инспектор не му овозможат вршење на надзор или не му ги даде потребните податоци и известувања.
Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице ќе му се изрече и на одговорното лице на концесионерот на дивечот во ловиштето или друго правно лице за прекршоците од ставот (1) на овој член.
За сторен прекршок од ставот (1) точки 2, 13, 14, 15, 18 и 21 на овој член ќе се изрече прекршочна мерка одземање на уловот, односно трофејот, како и средствата и предметите употребени за извршување на прекршокот.