Се ситни бројот на македонски ученици во училиштето во Долна Горица, општина Пустец од Албанија, во кое учат деца од четири села. Ова го раскажува директорката Крисанда Јанкула.
Шеесетгодишната Јанкула е пет години директор, четири децении работела како учителка во оваа образовна установа која постои 58 години. Родена во овој крај и во него живее, добро и се познати состојбите. Своевремено тука до девето одделение се школувале околу шестотини дечиња, сега ниту стотина. Подоцна школувањето го продолжуваат по желба.... во Пустец, Корча, Македонија.
- Младите си бегаат, заради економски причини и подобар живот. Нема работа, нема инвестиции. Што ќе работат младите? Најчесто одат таму каде што ќе најдат работа. Во Македонија, Канада, Америка, Германија, Англија, Грција најмногу, но и секаде. Се има помалку од порано. Земјоделие помалку, сточарство, луѓе помалку. Повеќе има само богатство во семејствата, некако поубаво си живеат, тоа е повеќе. Порано секоја педа место се работеше, даваше производство. Ме прашуваш како нема земјоделие, а поубаво се живее, па работат ете надвор од земјава, носат повеќе пари. Во Македонија одат како мајстори и заработуваат. И друго, кога се отворија границите, луѓето видоа каков е животот. Порано многу нешта не знаевме дека ги имаме, а не знаевме и како да ги направиме. Убаво е кога човек може да види и да научи нешто од друг, ми рече гостопримливата домаќинка.
Иако на моето прашање дали се унапредија правата на Македонците во Албанија, најпрвин одговори дека е тоа прашање за политичари, а не за учители, подоцна појасни дека искрено, се подобруваат тие права.
- Порано ние учевме на албански и имавме предмет по македонски јазик. Сега 80 проценти од предметите кои се изучуваат се на македонски јазик, а 20 отсто на албански. Така и треба да биде. Да живееш во Албанија, а да не знаеш албански, не само што е срамно, туку, тоа и ни треба нам. За работа, за трговија, треба да се снајдиш, децидна беше мојата нова пријателка.
А за работа, додаде, овој крај е познат и специфичен по големиот мајсторлук во ѕидање камен.
- Имаме многу добри мајстори кои работат со камен. Луѓето се многу работни, трудољубиви, гостопримливи. Истовремено работат по неколку работи. Ете и самите велите сте забележале стари баби кои пасат стока, но истовремено и плетат. Дури и да одат на нива, по пат си плетат. Чорапи си продаваат во Македонија. Никако не одмараат, навистина се многу работни. Тоа треба да ги пофалиме, рече Јанкула.
Дознавме дека во последниве неколку години интензивно се сади планински чај и добро се заработува.
Горица ја посетив по втор пат, годинава јубилејни 85 години по бегалската криза, во која жители со македонско потекло биле принудени да ги напуштат родните огништа и дошле да живеат во Тиквешко. Бев на гости заедно со нивни наследници и роднини, кои решија да ги посетат своите корени од другата страна на границата со Албанија.
И Крисанда ми кажа дека на времето некои луѓе се иселиле, некои доаѓаат тука да се видат со роднини, пријатели, да си ги видат местата каде што биле родени. По своите корени, главно оние кои се поврзуваат со Горна Горица.
- Мило ми е што доаѓаат. Не си ги забораваат своите корени. И не треба да си ги заборават. Да е жива Македонија и да се гледаме уште долго, коментираше таа, раскажувајќи ни дека во училиштето има 15 наставници Македонци и двајца Албанци, дека нејзините ќерки завршиле факултет во Скопје, а едната и останала да живее во Македонија, но и за многу други работи.
Миење на семејните крстови во езерото за Водици
Пред училиштето е и споменикот кој сведочи за егзодусот на населението од тој крај. Мојата прошетка во Мала Преспа беше во рамки на организираната посета од страна на месната заедница на кавадаречкото село Сопот, во кое четириесетина проценти од околу 1.200 жители, се наследници на бегалците од тој крај. Додека патувавме, годинава како и лани, сопотскиот кмет Миле Грозданов ми раскажуваше за корените на горичаните и нивните патишта низ просторот и времето. Првичните корени им биле пуштени, а потоа длабоко и цврсто сраснати во варовитиот супстрат на подножјето на карбонатната и шумовита Галичица, меѓу нејзините врвови и синилото на Преспанското Езеро. Таму уште пред многу векови потоеле две села, со најдилично име Горица, Горна и Долна. Со прст ни покажуваше дека ете луѓето таму отсекогаш живееле борејќи се со тврдата црвеница, од која со многу труд едвам успевале да обезбедат леб за многудетните семејства.
Во осоите на планината, секогаш со складно биење на ѕвонците од многубројните стада кози и овци, обезбедувале млеко, маст, сирење, месо, за оброците на децата да не бидат сиромашни. Додека фотографирав романтични пејсажи покрај езерската шир, ми појаснуваше дека бистрите води на Преспанско нуделе одлична можност да уловат риба, особено за празниците и свеченостите.
За секојдневните потреби на домаќинствата, како и да се обезбедат средства за давачките кон султанот, агите и боговите, покрај десетокот од скромниот род во земјоделството, зимно време по неколку месеци групи од по неколку млади и здрави мажи во планините на Драч правеле јаглен, кој со коњи го носеле на закотвените гемии во морето.
Речиси редовно ќумурот како и многу сточарски месни и млечни производи се носеле на пазарите во Корча, но неретко и во Лерин и Битола.
Немирниот дух на горичаните не ги оставал спокојни. Претесен им бил тој простор па речиси редовно по неколку мажи од семејство, оделе на гурбет во странство. На езерото покрај редовното перење алишта, ја переле и сушеле волната која потоа ја чешеле, влачеле со разни гребени, ја пределе и ткаеле на домашните разбои. Така го добивале шајакот од кој пак се шиела целата горна облека од елек до гуна, како и целата постелнина. Чупите ткаеле платно од кое ја подготвувале својата руба, везејќи ги невестинските кошули.
- Некои од обичаите биле и единствени, сосема специфични за овој крај, како што било миењето на семејните крстови во езерото на празникот Водици. Крстовите најчесто биле сребрени, специјално изработени во Корча, богато украсени со разни синџирчиња, парички и слично, што значело и престиж за фамилијата. Некои семејства нив и денес ги чуваат, ни прераскажуваше Грозданов.
Целата покуќнина на рамо
Од 1925 година, кога било извршено разграничувањето на Албанија во чии граници била вклучена и Мала Преспа, започнале маките и секојдневните страдања на жителите на Горица, ни кажуваше Грозданов за сознанијата до кои своевремено дошол професорот Милан Наумов од Кавадарци, сопотчанец со потекло од Горица.
Самонаречениот бег Малик Каплани, поддржан од власта на неговиот роднина кралот Зогу, ги добил сите судски спорови со горичаните и целосно ги осиромашил, дотерувајќи ги до просјачки стап. Излезот од состојбата тие го побарале и пронашле во иницијативата за преселување на целото село во Кралството Југославија, што уследило по долги и многу тајни преговори со југословенскиот конзул во Корча.
Во март 1933 година, бегот со силна поддршка од власта во Тирана, со четириесетина џандари ги избркал горичаните од своите домови и ги принудил четириесет дена да живеат на отворен простор и во скромните домови на жителите од соседното Туминец, надевајќи се дека ќе ги натера да ги прифатат неговите услови и ќе се вратат во селото. Наместо тоа, на 1 мај истата година тие изгладнети, сосема осиромашени, со скромно домаќинство на рамо, ја поминале границата кај селото Стење.
Со огромна тага, јад и солзи за последен пат го слушнале биењето на камбаната и засекогаш се простиле од своите домови, имот, од гробовите на своите најблиски и спомените и заминале во најголемата неизвесност. Надежта за подобар живот се срушила кога биле донесени во Метохија, како крајна дестинација. Тука поминале една цела година пред вратите на српските власти. Некогаш молејќи понизно и со плачење, некогаш дрско и насилнички, не оставајќи ни најмало чувство на колебливост во барањето или да ги однесат на друго место или да ги вратат назад во Албанија.
Најпосле очајот се претворил во триумф и биле донесени во Вардарска Бановина во тиквешките села Сопот, Пепелиште, Прждево и битолско Трап. Така измачените Горичани го нашле својот мир, ги разгореле своите огништа и насилно искорнатите корени одново нашле поволно тло за повторно вкоренување. На своите наследници им раскажувале за родниот крај и им оставиле аманет, никогаш да не ги заборават нивните страдања, а на своите потомци да им всадат љубов кон своите корени.
Споменикот во Долна Горица е моќен раскажувач на таа трагична судбина.
- Воспоставивме одлични односи со претставниците од општината Пустец и жителите на Мала Преспа. Ним им сме многу благодарни што на училиштето во ова село му го дале името „Отпорот на Горичаните” и што се избориле по предметот историја еден час во сите шести одделенија во Албанија, да се учи за настанот во Горица. На овие директни потомци на бегалците од Горица веќе им побелеа косите, многумина не се повеќе на овој свет. Но сите тие, заедно со нивните предци, искрено очекуваат и се надеваат нивните потомци нема да дозволат да згаснат спомените, ами ќе ги негуваат со многу љубов. Да не се замати сјајот на непокорот на намачените Горичани и да не се исушат корените кои цврсто ги држат моќните семејни стебла низ патиштата на времето и просторот, кажа Грозданов за МИА.
Светлана Дарудова