Тимот на македонски и странски архитекти предводен од архитект Сара Симоска во втората фаза на конкурсот „ДОМ Русија“ за стандардно домување го освои второто место во категоријата Централен модел (розова боја).

Официјалното прогласување беше во Калининград на 19 мај на форумот „Се за домувањето“, каде учествуваа различни професионалци од целиот свет и разговараа за подобрување на стандардите за живеење за сите луѓе.

Проектот на Сара Симоска е награден за предложување свеж распоред на становите.

- Задача на тимот беше да испроектира три типови станбени згради и 15 типови станови од различни димензии (20, 40, 60 , 80 и 100 м2). Руското Министерство инвестира во овие архитектонски проекти со цел инвеститорите на станбените згради да можат директно да ги користат и притоа да е загарантиран повисок стандард на домување, запазувајќи ги критериумите за квалитетен простор, одржлива ефикасност, доволна количина на јавни простори, пешачко движење и зеленило, вели Симоска.

Жирито се состоеше од руски политичари, како и руски и странски архитекти и урбанисти.

За потребите за учество во втората фаза на конкурсот Сара Симоска го отвори архитектонското студио во Скопје „Сара Симоска Архитектура“.

Во тимот кој работеше на втората фаза на проектот беа Сара Симоска – главен архитект проектант, Александар Алексоски – партнер архитект проектант, Марта Столевска – архитект, Наталија Веселинова – практикант, Милица Савеска – практикант, Александар Ангелов – практикант, Валбона Седалиу – практикант, Мохамед Ибрахим (Египет/Италија) – 3д визуелизација и Татјана Григорошенко (Русија) – Макета и Полина Черкасова (Русија) - Макета.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/05/2018 11:23