Началникот на генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал потполковник Методија Величковски учествува на 12. Конференција на началниците на генералштабови (НГШ) на армиите на балканските земји во Белград.
На конференцијата учествуваат НГШ на армиите од девет балкански земји членки (Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Македонија, Романија, Србија, Турција и Црна Гора), како и претставници од воениот комитет на НАТО, воениот комитет на ЕУ, Командата на Здружените Сили во Неапол и Словенија во улога на набљудувачи.
На работните сесии покрај усвојување на годишниот извештај, се разгледувале и безбедноста и предизвиците во кибер просторот, како и подобрување на регионалната соработка во ова поле, за што свое излагање имале експерти од оваа област, соопшти ГШ на АРМ.
Генералот Величковски во своето обраќање изразил надеж дека овој форум и во понатамошниот период ќе претставува столб на меѓусебното разбирање и конструктивна воена соработка, со што се дава придонес за севкупната стабилност во регионот.
На отворањето на Конференцијата министерот за одбрана на Република Србија, Александар Вулин истакнал дека мирот и стабилноста се од најголем интерес за балканскиот регион и дека соработката во воената област е единствен начин на решавање на безбедносните проблеми.
Генералот Величковски за време на форумот во попладневните часови по потпишување на заедничката изјава ќе оствари официјална билатерална средба со началникот на ГШ на вооружените сили на Србија, генерал Љубиша Дикович, како и неформални средби со другите учесници на кои ќе се дискутира за идентификување на можностите, облиците и мерките за зајакнување на понатамошната воената соработка.
Конференцијата во овој формат е воспоставена во 2006 година и се одржува еднаш годишно со ротирачки циклус на земја домаќин. Донесените заклучоци претставуваат основа и значаен механизам за продлабочување не само на меѓусебната, туку и на соработката со НАТО, ЕУ и други организации во полето на одбраната. Република Македонија беше домаќин на петтата конференција која се одржа во 2011 година, во Охрид, а следен пат ќе биде домаќин во 2022 година.