Иако поставената стратешка рамка на општина Струмица целосно соодветствува со програмските приоритети на ИПА програмите, досегашното ограничено учество главно се должеше на опструкциите од страна на пртходната централна власт, стои меѓу другото во Анализата на капацитети за искористување на европските фондови.

Наодите и препораките од Анализата денеска беа соопштени на прес конференција.

Според градоначалникот, Коста Јаневски, општина Струмица досега има искористено средства од повеќе проекти, кои успешно се реализирани.

- Поголемото вклучување во иднина на човечките ресурси во поглед на изготвувањето на издржани проекти, стратешката рамка за локален економски развој за периодот 2016-2020 година и унапредувањето на соработката со граѓанскиот сектор, ни дава за право да веруваме дека во наредниот период ќе ги подобриме капацитетите за искористување и програмирање на ИПА фондовите на локално ниво, истакна градоначалникот Коста Јаневски.

Според Билјана Бејкова од НВО „Инфоцентар“ од Скопје, Струмица е успешна приказна, бидејќи во изминатиот период не постоела политичка волја од претходната власт општина навистина да напредува и поради тоа општина пронашла други механизми како може да аплицира и да добие проекти од ИПА фондовите.

- Тоа може да претставува добар модел за другите општини, односно Струмица се обидуваше да ги вклучи повеќе јавните претпријатија и биснис заедницата што е добар начин не само општината, туку да се вклучат и сите други актери на локално ниво во насока на искористување на ИПА фондовите, а сето тоа да резултура со локален развој на заедницата, истакна Билјана Бејкова од НВО „Инфоцентар“ од Скопје.

Студијата е подготвена од НВО “Инфоцентар“ во соработка со Организација на жени од Струмица.

Документот е дел од серијата студии на случај, во кои покрај општина Струмица се вклучени Град Скопје, Битола и Тетово.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/05/2018 15:29