Над 800 планинари од земјава, Балканот и пошироко се очекува да учествуваат на годинешното 37. традиционално искачување на највисокиот врв на Шар Планина - Титов Врв висок 2.747 метри што претстојниов викенд го организира планинарскиот клуб Љуботен од Тетово.
Овогодинешната активност е дел од прославата по повод Денот на Европа. Претседателот на клубот Јован Божиновски на денешната прес-конференција во Тетово истакна дека како и секоја година големо внимание се посветува на безбедноста на сите планинари кои ќе се пријават да учествуваат во искачувањето.
- Очекуваме над 800 планинари од Македонија, Албанија, Бугарија, Србија, Косово, БиХ, Хрватска, Словенија и други земји да го искачат Титов Врв в недела. Ние сме подготвени да им овозможиме на учесниците високо ниво на безбедност и организираност согласно правилникот на Планинарската федерација на Македонија и затоа сите заинтересирани планинарски друштва треба да се пријават кај организаторот, рече Божиновски.
Искачувањето, додаде, ќе биде само по маркираната Вакуфска патека.
- Нашите членови како и координаторите на сите екипи ќе бидат обележани со акредитација на нивните ранци. Опремата на сите учесници треба да биде стандардна планинарска опрема во зимски услови, а исхраната е сопствена. Во случај на невреме и неможност да се искачи врвот, членовите на ПК Љуботен може да се решат да се прекине искачувањето, посочи Божиновски.
Вакуфската патека е со средна тежина, со должина од 14 километри во еден правец и висинска разлика од 1.047 метри, а колоната планинари ќе се движи по тревна површина, каменит предел и делумно со снег каде ќе биде поставен безбедносниот пункт на ПК Љуботен. Поаѓањето е закажано за в недела со почеток во 6:30 часот од пред платото на хотелот Попова Шапка во истоимениот туристички центар. На врвот колоната треба да пристигне во 11 часот за по еден час, исто така, организирано да започне враќањето по истата патека кон Попова Шапка што треба да заврши нешто по 16 часот.
Планинарскиот клуб Љуботен од Тетово е меѓу најстарите во Македонија. Годинава одбележува 93 години од своето постоење.