Општина Велес синоќа во големата сала на општината ја организира традиционалната свеченост по повод Денот на сесловенските браќа св. Кирил и Методиј, која беше наменета за просветните работници во училиштата.
Од свечената говорница, празникот 24 мај на просветните работници им го честита Аце Коцевски, градоначалник на Општина Велес.
- Да се чекори по патот што го зацртаа светите браќа не е нималку лесна задача. Вашата професија бара дополнителна посветеност, дополнителна одлучност и одговорност. Зошто не е во прашање само една личност, не е само една човечка душа, туку генерации потомци што се калат во ваша закрила, со вашето знаење и умешност. Деликатноста и суштината на Вашата професија втемелена во вековните дела на светите браќа Кирил и Методиј и денес е најзначајниот, најесенцијалниот елемент на македонското општество. Не е нескромно ако се каже дека вие сте градители на иднината на Македонија и дека од вас зависи нашиот општествен и културен развој, нашата одржливост и нашиот придонес како нација.Свеста за значењето на образованието, поттикот на образовните реформи и вложувањето во развојот на образованието неслучајно се приоритети за Општина Велес, потенцира Коцевски.
На свеченоста беа доделени и традиционалните награди за најдобрите наставници во 2018 од одделенска настава на учителката Лорета Стојановска од ООУ „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, од предметна настава од основните училишта на Илчо Стојановски професор по ликовна култура од ООУ „Св Кирил и Методиј“ и од предметна настава од средните училишта на Филимена Костова професор по англиски јазик во велешката Гимназија “Кочо Рацин“.
На свеченоста првпат беа доделени и наградите за најталентирани ученици на Ребека Манева од ООУ „Васил Главинов“ и Моника Гиовска од ООУ „Блаже Конески“, а кај средношколците беа прогласени Никола Стојменов од УСО „Коле Неделковски“ и Михаил Трајков од УСО „Димитрија Чуповски“ од Велес.
Свеченоста беше збогатена со уметничка програма во која настапија професори од Општинското Музичко училиште „Стефан Гајдов“ од Велес.