Нашите паркови се нашиот најблизок контакт со природата. Во парковите може на најдобар начин да се види како постои соживот меѓу човекот и природата на одржлив начин, покажува истражувањето за придобивките од парковите спроведено од Светскиот фонд за дивина - Адрија, во кое беа вклучени 1.300 луѓе од 58 заштитени подрачја во регионот.
Според Касандра-Зорица Иваниќ од WWF Адрија, заштитените подрачја се од суштинско значење за зачувување на природата, обичаите и традициите, како и населението што живее таму.
Светската организација за заштита на природата WWF на Европскиот ден на парковите што се одбележува денеска, ги повикува луѓето да се поврзат со природата и да ја сфатат важноста на заштитените подрачја и биолошката разновидност, како и да се изнајдат добри примери за тоа како луѓето живеат во хармонија со природата.
Во Македонија постојат три национални паркови Пелистер, Маврово и Галичица, последниот е формиран пред 60 години односно во 1958 година. Македонско еколошко друштво се надева дека наскоро во Македонија ќе се прогласат нови национални паркови согласно националната цел бр. 11 од усвоената Стратегија за биолошка разновидност во којашто е наведено дека моменталната површина на заштитени подрачја, што изнесува околу 9% од вкупната територија на Македонија, а овој процент до 2023 година треба да се зголеми на 15%.
- Потсетуваме дека освен зголемување на заштитени подрачја важно е да постои поврзување на заштитените подрачја со коридори, односно воспоставувањето еколошка мрежа како една од најефективните мерки за заштита на видовите и живеалиштата, како и мерка за ублажување (и адаптирање) на ефектите од климатските промени, наведуваат од Македонското еколошко друштво.
WWF е една од најголемите светски независни организации за заштита на природа и има членство од речиси пет милиони поддржувачи и светска мрежа на активисти во повеќе од 100 земји. Мисијата на организацијата е да спречи уништување на животната средина и да изгради иднина во којашто луѓето живеат во баланс со природата, притоа користејќи ги ресурсите на одржлив начин и промовирајќи намалување на загадувањето и потрошувачката.
Европскиот ден на паркови е прогласен во 1998 година. EUROPARC Федерацијата го основа овој ден со цел подигнување на јавната свест за важноста на заштитените подрчја и нивните вредности. Се слави токму на 24 мај бидејќи 1909 година во Шветска е формиран првиот од деветте национални паркови во Европа со што започнува интензивен период на заштита на природата на нашиот континент.