Над 400 учесници, љубители на велосипедот денеска се вклучија во манифестацијата „Сите на велосипед“, која, по повод 24 мај, Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, по 13-ти пат се одржа во Прилеп.

Манифестацијата е во организација на велосипедскиот клуб „Илинден“, Сојузот на училиштен спорт на Прилеп и Велосипедската федерација на Македонија, а под покровителство на прилепската локална самоуправа.

Претседателот на велосипедскиот клуб „Илинден“, Драган Димитријоски рече дека Прилеп е единствениот град во кој се одржува ваква манифестација, на која љубителите на велосипедизмот возат рекреативно од центарот на Прилеп до спортскиот аеродром во с. Мало Коњари и назад.

- Манифестацијата „Сите на велосипед“ е традиционална и единствена во Прилеп. Бројот на учесници е секогаш голем, овојпат се преку 400 велосипедисти, рече Димитријоски на почетокот на ова рекреативно празнично дружење.

Дел од учесниците во оваа манифестација беше и градоначалникот Илија Јованоски, кој ја нагласи важноста од возењето велосипед не само за натпреварувачки цели, туку и за рекреација.

- Возењето велосипед го зајакнува здравјето и духот посебно кај младите луѓе, со него побрзо ќе стигнете на крајната дестинација од кое било друго моторно возило. Велосипедот е важен од еколошки аспект и секогаш е поевтино да се патува со велосипед. Сакам да го честитам денешниот празник 24 мај, Денот на сесловенските просветители „Кирил и Методиј“ и именденот на сите што го слават, рече Јованоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/05/2018 21:19