Членовите на здружението „Јосип Броз Тито“ од Кочани по осми пат го одбележаа 25 Мај, Денот на младоста и роденденот на нивниот патрон.

Штафетата на младоста – некогашниот симбол на денот на младите повторно беше пронесена низ улиците на градот, а потоа на прославата што се одржа на платото во Трговскиот центар, младинци му ја предадоа на претседателот на Здружението, Трајан Трендов.

Според кочанските титовисти, негувањето на спомените од минатото се поврзани со еден од најубавите денови во мај, кога младината од целата поранешна заедничка држава го славеше роденденот на маршалот Тито.

- Горди сме што живеевме во време кога се почитуваше трудот и достоинството на поединецот, време во кое македонскиот народ ја оствари вековната желба да добие сопствена држава и сето тоа како резултат на визијата на еден голем човек каков што беше Тито. Годинава се собравме во најголем број досега, ни дојдоа гости и од неколку градови во Македонија и од Србија, што е вистински доказ дека стекнатите вредности од титовото време не треба да се забораваат, истакна Трендов.

Со песна и оро на свеченоста во центарот на Кочани се придружија повеќемина граѓани кои рекоа дека им е убаво што барем со мислите се враќаат во времињата кога се живеело подобро, кога од Гевгелија до Крањ се патувало без пасош, а сегашните различни народи славеле исти празници.

Во Здружението активни се над 200 повозрасни членови, но според Трендов интерес за зачленување има и меѓу младите, кои освен на прославите свој придонес даваат и во организирањето хуманитарни акции.

Прославата на Денот на младоста и роденденот на Тито членовите на здружението ја продолжија со традиционална заедничка веселба и ручек во месноста Кај дабот, во близина на селото Бели.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/05/2018 13:21