Во рамки на подготовките за што поуспешна реализација на спорстко-забавната манифестација „Охрид трчаТ 2018“ денеска се одржа средба на организаторите - Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите - сите за Спорт“ и четири здруженија, односно институции што ќе бидат ангажирани за освежителните станици поставени долж патеката по која ќе се трча.
Членови на Советот на Општина Охрид, вработени во Заводот за кардиоваскуларни заболувања, како и активисти на „Лајонс“ и „Ротари“ клубовите од Охрид прифатија покана активно да бидат вклучени како волонтери задолжени за освежителните станици.
Организаторите на трката заедно со волонтерите ги договорија локациите на кои ќе бидат поставени станиците и за која станица кој ќе биде задолжен од субјектите, а се дадоа и насоки, како и што треба да се прави за време на одржувањето на трките на „Охрид трчаТ“.
Согласно договореното, освежителни станици ќе има на четири локации надвор од стартно-целниот пункт и тоа кај Горна Порта, кај филијалата на „Охридска Банка“, кај Гимназијата и на Кејот „Македонија“.
Оваа година организаторите воведоа интересен и општествен начин на организација на освежителните станици со која сакаат да го промовираат волонтерството и одговорноста кај повозрасната и поодговорна група на лица во нашето општество се со цел да се мотивира поддршката и активизмот како еден од предусловите за организирање и промоција на секој еден настан.
Централната манифестација, односно трките во рамки на „Охрид трчаТ“ ќе се одржат на 9 јуни.
Заинтересираните поединци или групи учеството можат да го пријават исклучиво „онлајн“ на официјалната страница ohridtrcat.mk со плаќање со картичка или со уплатница во банка. Пријавените имаат три опции во рамки на „Охрид трчаТ“, да бидат дел од десет или петкилометарската трка или да формираат екипа и да се натпреваруваат во тим-билдинг трката што ќе се трча на пет километри.
Пријавувањето за учество трае до понеделник (28 мај) во 23 часот и 59 минути, а подигањето на стартните пакети е в сабота на 2 јуни на експото што ќе се одржи на Градскиот плоштад.