Економскиот развој на Дебар е директно поврзан и со отворање слободна економска зона. Имајќи ја во предвид географската положба на општината, која се наоѓа во непосредна близина на границата со Република Албанија, како и либерализацијата на пазарот, слободната економска зона е голема можност за подинамичен развој на дебарската економија.

Ова меѓудругото е оценката на Регионалната стопанска комора. Тука нагласуваат дека Дебар има економска зона и тоа на просторот на поранешната касарна на АРМ, но неопходна е слободна економска зона, која во рамките на законот овозможува инвеститорите, вклучително и странските да имаат повеќе права од аспект на ослободување од разни даноци кон државата.

- Непостоењето слободна економска зона, де факто ги дестимулира инвеститорите, било да се домашни, странски, па и оние од дебарската дијаспора да инвестираат во Дебар. Слободните економски зони кои моментно функционираат во Тетово, Скопје, Куманово, Бунарџик и други места, сведоци сме колку се привлечни за странските инвеститори, вели Роланд Пахуми, претседател на Регионалната стопанска комора за општините Дебар, Центар Жупа и Маврово Ростуше.

Според него локалната власт треба посилно да лобира и Дебар да има што поповолна економска позиција, имајќи го во предвид граничниот премин „Блато“, и да има посебна слободна економска зона.

- Имајќи во предвид дека локалната власт во Дебар веќе има одредена локација за економска зона, добивањето статус на слободна економска зона ќе има позитивен ефект во привлекувањето како домашни, така и странски инвестици. Постојната економска зона во Дебар располага со потребнатна инфраструктура, водоводна, канализациска и енектрична мрежа, што ќе рече дека постојат сите услови кои еден инвеститор ги бара, смета Пахуми.

Бизнисмените од дебарскиот поширок регион, но од дијаспората, во континуитет бараат од надежните на централно ниво отворање и терминал на граничниот премин „Блато“.

- Без терминал на овој премин на македонско-албанската граница, што е на само неколку километри од Дебар, не може да се очекува економски развој, како на трговиот сектор, така и на прозиводниот во зоната во Дебар. Со законските нормативи сега терминал може формираат самите компании. Типичен пример е фабриката „Кнауф“, која има сопствен терминал, но терминал треба да функционира на граничниот премин, бидејќи во Дебар, но и од другата страна на границата, делуваат многу мали и средни претпријатија што немаат економска моќ да отворат сопствен терминал, нагласува Пахуми.

Во една ваква ситуација бизнисмените од двете страни на границата се принудени при извоз или увоз да го користат граничниот премин Ќафасан, кај Струга, што неколкукратно ги зголемува транспортните трошоци.

- Неопходно е да има терминал на преминот зашто бизнисмените мора да одат до преминот Ќафасан, а тоа значи да кружат голем простор. Место до Пешкопеја, на пример, преку „Блато“ да стигнат за помалку од половина час, сега непотребно мора да патуваат со часови, смета Илир Кроси, поранешен градоначалник на Пешкопеја, според кого доколку би имало терминал на „Блато“ би заживеел и овој премин, со многу поголема фрекфенција на луѓе и стока.

Автопатот „Руга е Арбрит“ ќе доведе до сеопшт економски развој

Од Регионалната стопанска комора додаваат дека меѓу трите главни елементи за економски развој на дебарскиот крај е секако подобрувањето на патната инфраструктура.

- Добро е што се реконструира делницата Бошков Мост-Дебар, која беше во многу лоша состојба, а е дел од регионалниот пат Маврово-Дебар. Секако тука треба да се спомне и изградбата на автопатот „Руга е Арбрит“ (патот на Арбр), со чија изградба дестинацијата до Тирана, преку преминот „Блато“ кај Дебар се намалува за дури 100 киломери и од околу180 ќе изнесува 72 километри, вели Пахуми.

Со изградбата на овој автопат многу побиску ќе биде и најголемото албанско пристаниште Драч, што ќе услови и поголема фрекфенција во нашиот регион а со тоа, оценува градоначалникот Ружди Љата, и бенефит во секој аспект, не само за Дебар,туку и за соседните општини од двете страни на границата и пошироко.

- Автопатот „Руга е Арбрит“, што не поврзува со Тирана со 70 километри, што значи за еден час да се стигне до Тирана, доаѓа 800 метри оддалечен од Дебар, значи ни доаѓа пред врата. Ќе донесе развој на туризмот, на економијата, ќе биде од интерес на фабриката „Кнауф“ бидејќи прстаништето Драч ќе биде поблиску за транспорт.Со изградбата на овој автопат ќе се развива Дебар, дебарско и поширокиот регион. Нема да згрешам ако кажам дека изградбата на автопатот ќе биде од голем интерес и полза за цела Македонија,-оценува Љата.

Според него, постојат и некои други можности, бидејќи многу дебарчани по потекло живеат во Тирана и тие се вредни, примерни и докажани личности.

- Само во Тирана има 150 доктори на наука чии корени влечат од Дебар, што сакаат да соработуваат со разни програми за развој на ова подрачје а близината и добрата патна инфратруктура може да го реализиираат тие нивни заложби што се во интерес на нивниот роден крај, посочува Љата.

Од албанска страна веќе има најави дека наскоро ќе почне изградба на автопатот за што Министерството за инфраструктура и енергетика потпиша договор со концесионерот, компанијата „Ѓока конструкцион“, чија понуда беше избрана како најповолна на спроведениот тендер.

- Ова е еден многу значаен инфраструктурен објект, што нашата земја ја поврзува со Македонија. Изградбата ќе чини 240 милиони евра, а во договорот стои дека државата обврските кон компанијата ќе ги подмири во рок од 13 години. Автопатот треба да биде готов за три години, вети министерот Дамиан Ѓикнури.

Инаку, дел од подготвителните работи на автопатот почнаа пред две години,но беа прекинати.

Неговата изградба се очекува да го заживее и економски да го развие поширокото подрачје од двете страни на границата, а многу ќе го олесни и патување до албанското крајбрежје, како и до познатото летувалиште „Шенѓин“, во северниот дел на морето, каде климатските услови се идентични со оние во црнгороскиот приморски град Улцињ.

Половина од прометот во Дебар отпаѓа на граѓаните од албанските погранични места

За голем број жители на Албанија од пограничните места, Дебар е центар за набавка на разни производи, за добивање здравствени, фризерски и други услуги. Причина за секојдневните посети, како што сами велат, е квалитетот, како и близината на градот.

– Има голем избор, а и квалитетот овде е подобар, особено на земјоделските производи. Често доаѓаме тука. Живееме во селото Блато и многу ни е поблиску Дебар отколку Пешкопеја, велат граѓани со кои разговаравме.

Тие додаваат дека во Дебар има побогата понуда и пониски цени.

- Kупуваат прехранбени артикли, пијалаци, облека, обувки, земјоделски и сточарски производи, но и разна бела техника. Доаѓаат секојдневно, а посебно во саботите, кога во Дебар е пазарен ден. Искрено половина од прометот што се прави во трговските и услужните дејности отпаѓа на граѓаните од пограничните албански села,вели Наим Опре, сопственик на трговски дуќан.

Масовноста на доаѓање во Дебар се зголеми со отворањето на граничниот премин Џепиште – Требиште, преку кого минуваат жителите од областа Голо Брдо.

– Нешто што најубаво ни се случило на жителите од оваа област е отворањето на преминот. Сега кога патот е асфалтиран и од албанска страна, во Дебар доаѓаме за дваесетина минути. Вакви продавници кај нас нема, а за да одиме до Булќиза или пак Пешкопеја, по заобиколниот макадамски пат ни требаат часови, вели Или Халилај од селото Требиште, кого го сретнавме во едно од кафулињата,

Жителите од албанските места може да се видат во аптеките, во стоматолошките амбуланти, во фризерските салони и угостителските објекти, а поради пониската цена на горивото тие секојднево во Дебар се снабдуваат со гориво.

- Кај нас не само што горивата се поевтини, туку се и многу поквалитетни, вели сопственик на бензинска пумпа во Дебар.

Тоа го потврдуваат и албанските граѓани кои ги има секојдневно низ Дебар, уште од раните утрински часови. Ги полнат резервоарите со гориво и заминуваат. Некои доаѓаат и по неколкупати.

- Во областа Голо Брдо, која ја сочинуваат 22 села, нема ниту една бензинска пумпа. Порано моравме да одиме до Либражд или Булќиза за да полниме гориво. Од кога почна да функционира преминот Џепиште-Требиште гориво редовно полниме во Дебар. За нас е многу блиску. Од Требиште до Дебар имаме петнаесетина километри асфалтен пат, што значи дека ни е неколкупати поблиску отколку да одиме во Либраж или Булќиза, до каде има макадамски пат,вели Халилај.

- Кај вас горивото е поевтино и што е најбитно квалилтетот е многу, многу подобар. Исто така, пазаруваме тука, многу ни е поблиску, а дебарските дуќани се преполни како со богат избор и квалитетни производи. Тука купуваме се што ни треба, па дури и лекови што се добро пакувани и на секој од нив има рок на употреба, вели Бесим Тоља, кого го затекнавме на една од бензиските пумпи во Дебар.

Албанските граѓани доаѓаат и заради здравствена услуга

- Многу граѓани од Албанија кои доаѓаат за одредена здравствена услуга, како од секундарното, така и од примарното здравство. Тоа е поради поквалитетната услуга, подобри лабораториски анализи и рендгенски снимки. Во повеќето од тие места таму немаат специјализиран кадар, а во добар дел ниту амбуланти. Имаме многу жени кои доаѓаат на прегледи, па и на следење на бременоста. Она што посебно ме радува е големиот број жени кои по утврдување на дијагнозата, соодветното лекување и третман ја добиле и правта рожба,вели познатиот дебарски гиниколог Аргетим Фида.

Албанските граѓани ги посетуваат „Дебарски Бањи Цапа“, консумираат вкусна храна која се подготвува во многуте дебарски угостителски објекти, а во летниот период и се освежуваат покрај Дебарско Езеро. Но дел од нив, како и дебарчани престојуваат во посета на роднини и пријатели. Од друга страна дебарчани во Албанија патуваат и за набавка, пред се, на италијански керамички плочки и маслинки и маслиново масло.

Во просек дневно преминот го минуваат по триста патници, а во саботите кога е пазарен ден во Дебар, бројката е трипати поголема. Историски рекодна фрекфенција на патници и возила на преминот „Блато“ беше забележана во првата половина на август минатата година. Во обичен ден тука за влез и излез беа регистрирани по над 1.500 патници, додека во деновите на викендот бројката беше над 2.000, што никогаш не се случило во периодот на досегашното работење на преминот. Врз тоа секако влијание има пофобрената патна инфраструктура.

На преминот за локален граничен сообраќај Џепиште – Требиште има помала фрекфенција, бидејќи станува збор за граничен премин кој работи секој ден од 8 до 20 часот, односно од 8 до 18 часот, според зимското работно време и е наменет превенствено за жителите на пограничната зона. Дневната фрекфенција е околу сто лица. Во летниот период фрекфенцијата е поголема поради фактот што жители од областа Голо Брдо кои работат во Грција доаѓаат во родниот крај.

- Доколку преминот работи непрекинато 24 часа и не би бил наменет само за жителите од пограничната зона, фрекфенцијата би била поголема, зашто голем број случајни или намерни патници – туристи, сакаат да го посетат овој крај, велат на преминот.

Од Регионалниот центар за гранични работи-Запад потврдуваат дека преминот е влезен во системот на министерствата за внатрешни и надворешни работи на двете земји и се работи на обезбедување потребна инфраструктура со цел истиот да работи 24 часови и да биде наменет за сите кои сакаат да минат на овој премин.

Преминот „Блато“ функционира повеќе од две децении, додека Џепиште-Требиште околу пет години.

Вера Тодоровска



Автор: Администратор
Објавено на: 28/05/2018 10:34