Повеќе од 800 уметници од 27 држави од Европа и светот, славни имиња од светската музичка елита и врвни театарски креации, ќе бидат дел од годинешното 58. издание на најреномираната музичко-сценска манифестација во земјата – Фестивалот „Охридско лето“.

Честа да го отвори годинешното фестивалско издание и припадна на романската оперска дива Елена Мошуц, која на 12 јули на Античкиот театар ќе настапи задно со тенорот Калин Братеску и симфонискиот оркестар на Македонската филхармонија, под диригентска палка на маестро Николае Молдовану.

На денешната прес-конференција на која беше објавена програмата на годинешното издание на „Охридско лето“ беше истакнато дека Мошуц критиката ја оценува како една од петта најдобри сопранистки на денешницата, со репутација на еден од најразновидните и експресивни сопрани на својата генерација.

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски за уметничката програма на фестивалот рече дека е работена во согласност со престижниот углед што го ужива Фестивалот, како бренд на македонската култура и е еден од главните столбови на меѓународниот углед на Македонија во културата и уметноста на регионално и на светско ниво.

- Сакам да го потенцирам јасниот концепт по кој се водевме - да понудиме програма базирана на врвната класична музика и театар со голема естетика, специфика и авторски пристап, сето тоа вклопено во прекрасниот амбиент на фестивалските сцени по кои е препознатлив нашиот најреномиран фестивал, рече Алаѓозовски.

Тој истакна дека „Охридско лето“ со својата доследност и светски квалитет е вистински репрезент на обединувачката сила на културата.

- Ова лето ќе имаме одличен фестивал, полн со концерти и претстави, кои што очекуваме дека ќе предизвикуваат критички рефлексии и полемики, ќе отворат нови светогледи, ќе бидат уметничка провокација и ќе носат новини и свежина во нашиот Охрид, кој е секогаш добар и достоинствен домаќин, рече тој.

Алаѓозоски додаде дека заштитата на Охридскиот регион, културното наследство и културниот туризам остануваат врвни приоритети за Владата и Министерството за култура, на што сериозно и посветено, вели, работиме во координација со УНЕСКО и од што очекуваме уште значајни резултати во оваа година.

Селекторот на музичката програма на „Охридско лето“ Васо Ристов нагласи дека Охрид повторно ќе стане вистинска културна метропола, како и досега ќе привлече бројни посетители кои доаѓаат од други земји само заради овогодинешните ѕвезди и квалтетната програма.

- И оваа година нашите заложби се Фестивалот да има квалитетна и атрактивна програма во текот на сите 40 фестивалски денови, каде ќе се врати сјајот на класичната музика...Традиционално имаме неколку ексклузивни проекти на кои учествуваат легендарни имиња од светската музичка сцена. Тоа се имиња на уметници по кои се паметат фестивалските изданија, рече Ристов.

Меѓу нив тој како посебни музички доживувања ги најави концертите на пијанистот Николај Лугански, челистот Александар Књазев, виолинистот Сергеј Крилов, потоа пијанистот Александар Маџар, виртуизот на усна хармоника Антонио Серано, акапела-секстетот „Виндзор касл“, како и неколку концерти што ќе се реализираат во соработка со амбасадите во Македонија.

Со Полската амбасада ќе се реализира концерт на барокниот ансамбл „Вроцлав“, Францускиот културен центар ќе ги донесе светски познатиот пијанист Мишел Бурдонкле и неговиот син Николас, како и концерот на сопранот Еугенија Боикс и пијанистката Ана Ферер кои ќе настапат преку соработката со Амбасадата на Шпанија. На програмата се и украинската вечер со настапот на Украинскиот камерен оркестар, потоа Кинеската вечер со настапот на Кинескиот бамбус-флејта оркестар, концертот на јапонско-турското „Сора дуо“, канадскиот пијанист Еуген Скороводников...

Од концертите наменети за пошироката публика како особен се издвојува настапот на казахстанскиот „Академи оф солист“ камерен оркестар.

Во рамки на „Охридско лето“ ќе настапат и голем број домашни уметници од Македонската филхармонија, Македонската Опера и Балет, Музичката младина на Македонија, посебни рецитали на домашни уметници...

Драмската програма нуди неколку театарски претстави во најголем дел на домашните театарски куќи, како и гостувања на театри од Србија, Хрватска, Словенија. Селекторот на драмската програма Александар Поповски како посебно театарско доживување ја најави претставата „Илијада“ и гостувањето на Словенско народно гледалишче, Драма од Љубљана, Цанкарјев дом и Градски театар, со која ќе се спушти завесата на годинешното фестивалско издание, со според него, можеби најголемиот проект во драмската фестивалска програма на Античкиот театар.

Тој најави дека кусото време не оставило можност да се реализира неговата концептуална замисла за ова фестивалско издание, но за во иднина најави интензивирање на соработката на „Охридско лето“ со „Дубровачки летни игри“, „Дојчес театарот“ од Берлин, со национални театарски куќи од Романија, Бугарија, Унгарија, како и посебна претстава што би се подготвувала специјално за охридскиот фестивал.

В.Д. диркеторката на „Охридско лето“ Сузана Вренцовска изрази задоволство што благодарение на посветеноста и залагањата на фестивалскиот тим завршени се сите подготовки за да бидат достојни домаќини на бројните уметници и вљубениците во уметноста.

- За нас најважно е да се гради брендот на институцијата, домаќинското работење и почитувањето на традицијата. Фестивалот „Охридско лето“ како дел од Европската фестивалска асоцијација продолжува со успешните приказни за да го задржи епитетот на високо реномиран европски фестивал, рече таа.

Фестивалот „Охридско лето“ се реализира под покровителство на Претседателот на РМ, со финансиска поддршка на Министерството за култура и сите државни институции. Поддржан е од бројни компании, претпријатија, како и од Општина Охрид. Оваа година предвиден е голем инвестициски проект за целосна реконструкција на сцената и гледалиштето на „Долни Сарај“, за што преку ресорното Министерство се обезбедени 1,4 милиони денари.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/05/2018 14:40