Министрите за надворешни работи завршија со нивниот дел, преговорите продолжуваат на експертско ниво, а кога ќе завршат и тие, текстовите подготвени од министрите ќе бидат во рацете на премиерите за конечен договор, вели шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во врска со преговорите за името.
- Двајцата министри за надворешни работи завршивме со она што го презедовме од премиерите на двете земји. Денеска и веројатно утре, ќе продолжат преговорите на експертско ниво - она што треба да се реши се техничко - правните прашања. Веднаш штом завршат и тие и штом ќе бидат разјаснети техничките и правните прашања, текстовите подготвени на ниво на министри за надворешни работи ќе им бидат дадени на двајцата премиери, кои ќе разговараат и ќе постигнат конечен договор, вели шефот на грчката дипломатија, јави дописничката на МИА од Атина.