Студенти, средношколци и невработени од Штип денеска учеа како да почнат сопствен бизнис. Истражувањата на терен покажуваат дека кај младите постои страв за да почнат со сопствен бизнис и за нив е табу тема.
Филип Ивановски професор од Американ колеџ вели дека токму обуките што ги спроведува Агенцијата за поддршка на претприемништво на Република Макединија имаат за цел да се охрабрат и поттикне претпримничкиот дух кај младите, наместо да бараат место во државната администрација. Смета дека главниот предизвик со кој се соочуваат младите пред да почнат со сопствен бизнис е пристапот до финансии.
- Зависно од тоа што сакаат да почнат, финансиите се движат од 2.000 до 10.000 евра. Она што ние ги советуваме е секогаш да почнат со сопствен бизнис, во рамки на кој што можат да си дозволат, без притоа да го загорзат целокупното семејство и да заложат нешто, што потоа ако не успее бизнисот би останале на улица. Ги стимулираме исто така да се организираат и по двајца или тројца, вели Ивановски.
Тој забележа дека на овие обуки младите се информираат и за мерките и субвенциите што ги дава Владата преку своите агенции и Фондот за иновации.
- Најлесно е да почнете и со најмали финансии е да се почне со некоја дејност, која е поврзана со услуги, социјални мрежи, интернет. Но има и такви, кои што сакаат да почнат некое мало производство, каде што се потребни поголеми финансии. Но, генерално ги насочуваме да препознаат некоја услуга, која што големите компании не ја нудат, вели Ивановски.
Тој забележа дека на младите им препорачува и пред да стартуваат со сопствениот бизнис во првите две до три години да работат во некоја компанија, за да видат како се работи и се создава сопствен бизнис.