Како класиците од балканските земји да им се доближат на читателите од светот и каков е нивниот третман за превод во странските издавачки куќи, беа теми на кои денеска дискутираа писатели и издавачи учесници на трибината „Балканските класици во европската литература: (не)визибилност во 21 век“ што ја организираше издавачката куќа „Икона“ во рамки на 6. Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“.

Директорот на фестивалот Дејан Трајкоски изјави дека со оваа тема на фестивалот сакале да се приклучат кон славење на Европската година на културно наследство и да се стави фокус на сите автори кои значат величина за една земја.

- Автори од типот на Петре М. Андреевски или Живко Чинго кои на одреден начин стануваат заборавени во однос на нивната промоција во странство. Живко Чинго, на пример, тешко може да излезе од нашите граници во денешно време, од повеќе причини. За голем дел од авторите класици од 20 век не се знае ни кому му припаѓаат правата, никој не ги застапува на меѓународниот пазар, рече Трајкоски.

Џон О’Брајан, основач и уредник на издавачката куќа „Далки архив прес“ од САД, која има објавено класици на балканската книжевност, зборуваше за пристапот во објавувањето класик или не толку познат автор. Преведуваат автори кои, рече, никогаш претходно не биле преведени, без разлика дали е класик или нов автор.

- Во САД културата на читање речиси и да не постои. Ние имавме златно доба со Хемингвеј, со Фицџералд, и за споредба, можам да кажам дека во земја со 320 милиони жители, во 30-тите години на минатиот век имаше 50 илјади читатели. Во 1950-тите години имаше 30 илјади читатели. Нема разлика во пристапот, нема официјална формула во таа насока, важно е добро да ги почитуавш и добро да се однесуваш кон авторите и читателите, сите на ист начин, да ги најдеш најдобрите преведувачи и тие 30 илјади читатели. Но мора да сте трпеливи, рече Џон О’ Брајан, додавајќи оти почитани се современите автори.

Јанике Ритер, помошник уредник на „Зуркамп“ од Германија со фокус на балканските книжевности, рече дека во нивната издавачка куќа 90 отсто се посветени на нови автори и нови наслови.

- Сакаме млади имиња, кои ќе и ги претставиме на публиката, со кои може да организираме промоции, дружења и кои во живо ќе разговараат со читателите, рече Ритер.

Според писателот Александар Прокопиев, кој е и уметнички директор на „ПРО-ЗА Балкан“, насекаде е очигледна криза и пад на читателскиот вкус. Рече во Ирска има почит за Џејмс Џојс, иако Ирците велат не го сакаат.

- Класиците секогаш имаат отпор, секогаш имаат за и против, секогаш имаат жестоки дикусии, но, сепак, бараат читатели од повисок ранг. И ако читателите го немаат тој ранг, никој нема ни да дискутира дали е Џојс добар, дали е класик, дали не е, рече Прокопиев.

Според хрватскиот писател Роберт Перишиќ неспорно е значењето на Мирослав Крлежа во Хрватска, иако светскиот статус, рече, му е малку потценет.

- Но друга приказна е тоа како писателите од т.н. мали јазици се етаблираат во светот. Тоа зависи од многу работи, на пример за Крлежа зависи и од тоа што бил комунист или нешто слично на тоа и веројатно тоа попречило да недобие Нобелова награда. Некои такви работи влијаат на глобалната перцепција во одредено време, а кога ќе помине тоа време, тогаш можеби е веќе доцна за некои работи, рече Перишиќ.

Писателката Лејла Каламујиќ истакна дека во Босна и Херцеговина прашањето со класиците е дополнително оптоварено со внатрешни проблеми и станало политичко прашање.

- Така што сега имаме борба чиј е Андриќ, чиј е Селимовиќ, чиј е Мак Диздар. Жално е кога државата располага и се занимава со вашето дело. Од друга страна, иако сме свесни дека се помалку се чита, тврдам дека оние кои читаат, на ист начин го читаат и Крлежа, Селимовиќ, Црњански, Киш... и работите и просторот не ги делат на тој начин, рече Каламујиќ.

Јуриј Худолин од Словенија, писател и колумнист на „Младина“, кој рече дека цел живот се занимава само со пишување, посочи дека имаат системска поддршка преку Јавната агенција за книжевност.

- Иако сме мала земја, тој систем навистина добро функционира. Имаме 15-20 писатели кои не само што се преведени, туку може да го работат само тоа и добро да живеат, додаде Худолин.

Во рамки на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ вечер од 18.30 часот во книжарницата „Икона“ во ТЦ „Скопје сити мол“ ќе има средба на гостите автори со читателите.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/05/2018 16:30