Од почетокот на новата учебна година во училишта во Југоисточниот регион учениците ќе имаат можност да го изучуваат италијанскиот јазик како втор изборен.
Тоа беше сопштено по средбата на италијанскиот амбасадор во Македонија, Карло Ромео, со градоначалниците на општините од Југоисточниот плански регион што се одржа во кабинетот на градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.
- И благодарам на македонската Влада што во март годинава донесе одлука италијанскиот јазик да се изучува како втор изборен јазик во македонскиот училишен систем. Така, учениците од новата учебна година ќе имаат можност покрај другите странски јазици да го изберат и италијанскиот јазик, рече италијанскиот амабсадор во Македонија, Карло Ромео.
Градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, рече дека со големи симпатии ја прифаќаат идеата италијанскиот јазик да се изучува како втор изборен.
- Сметам дека постои клима во нашата општина за реализирање на таква една иницијатива. Ќе следуваат анкети со учениците и со родителите за да видиме колкав е интересот за изучување на италијанскиот јазик. Јас лично сметам дека тука постои голема симпатија кон италијанската култура и кон италијанскиот јазик, а не спојуваат и нашите сограѓани кои живеат и работат во Италија во голем број, рече градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.
Италијанскиот амбасадор Ромео им се заблагодари на градоначалниците од регионот за остварената средба и информираше дека било разговарано за промоција на италијанскиот јазик и култура не само во Струмица, туку и во другите општини од регионот, како и проширување на соработката меѓу македонските и италијанските општини.