Во рамките од Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција и Република Македонија, Центарот за развој на Југоисточниот плански регион започна со имплементација на два нови проекта.
Првиот проект е „Заеднички стратегии за заштита на биолошката разновидност и одржлив развој на билатералнaта мрежа на заштитени подрачја“.
Една од главните активности, кои се предвидени по проектот, е изработка на регионална стратегија за биолошка разновидност со акциски план. Ќе биде ангажиран стручен тим кој ќе ја креира и развива Стратегијата, а со истата ќе биде опфатен целиот Југоисточен плански регион.
Проектот е со вкупен буџет од еден милион и 269 илјади евра, а ќе се имплементира 24 месеци, до април 2020 година.
Вториот проект е „Интегриран оперативен центар за хуманитарна помош“ („HELP”), чија главна цел е да се подобри стратешката и оперативната ефикасност на јавната администрација и јавните служби во управувањето со елементарни непогоди во прекугранична област, преку обезбедување интегрирано решение за техничка поддршка и управување со пост-катастрофални хуманитарни олеснителни операции и логистика на самото место.
Главна активност на проектот е дизајнирање и изработка на контејнер, опремен со најсовремена опрема за комуникација. Ваквиот контејнер наречен Центар за команди, контрола, комуникација, компјутери и интелигенција ќе овозможи подобрување на квалитетот на управување на јавната администрација во справувањето со елементарни непогоди и кризи во прекугранична област Грција-Македонија.
Проектот е со вкупен буџет од над 905 илјади евра, а ќе се имплементира 18 месеци, до октомври 2019 година.