Германската канцеларка Ангела Меркел денеска ја истакна важноста за зачувување на принципите на еврозоната, во момент кога во Италија најверојатно ќе се одржат предвремени избори.
- Сакаме да работиме со секоја влада, но исто така имаме принципи во еврозоната, изјави Меркел одговарајќи на прашање дали е загрижена поради потешкотиите за формирање на италијанска влада.
Таа не сакаше да го коментира неуспехот за формирање на популистичка влада во Италија или за давањето на мандат на економистот Карло Котарели.
- Европска унија мора да се носи со таа задача, бидејќи, секако Италија е важна членка на ЕУ, наведе Меркел.
Претходно, претседателот на Франција, Емануел Макрон изјави дека шефот на италијанската држава Серџо Матарела, кој го одби предлогот на коалициските партии за владата, одигра клучна демократска улога и оцени дека Италија е потребна за европските проекти.
- Сакам да ги изразам моите поздрави и поддршка за претседателот Матарела, кој има важна задача, за институционалната и демократската стабилност на неговата земја, што ја извршува со многу храброст и во духот на големи одговорности, истакна Макрон.
Матарела му даде мандат за состав на нова влада на Карло Котарели, кој обврската, како што е соопштено, „ја прифати со резерва“.
Италијанскиот претседател претходно одби да го прифати евроскептикот Паоло Савони за министер за економија, поради што популистичкиот мандатар Џузепе Конте го врати мандатот.
Вредноста на еврото денеска забележа раст откако Матарела вчера одби да дозволи формирање на влада на партиите М5С и Лига.
Можноста за формирање на влада, која ќе го отвори прашањето за членство во еврозоната во една од најголемите држави членки на ЕУ предизвика неколкудневна паника на финансиските пазари во Европа. Но, претседателот Матарела ја одби предложената влада, токму поради вклучувањето на министри кои се критичари на италијанското членство во ЕУ.
Како резултат на потегот на Матарела, кој веројатно ќе доведе до предвремени избори во Италија, еврото порасна за 0,6 проценти и достигна вредност од 1,1728 долари. Претходната стапка на еврото беше најниска во однос на доларот во изминатите шест и пол месеци.