Пискотот на зурлите и силните удари од тапаните се знак дека борбите можат да почнат. Но, претходно најискусните пеливани во традициналната опрема за борење „ќуспетите“ и буквално избањати во масло за јадење, го одиграа танцот „перде“, покажувајќи пред публиката и судиите дека се подготвени за докажување на тревнатиот терен кој е „баш пеливан“.

Така беше и овој пат во струмичкото село Куклиш, каде пеливани од целата држава се собираат на еден од првите турнири за да си ги одмерат силите во повеќе категории, или „раце“, како што тие ги нарекуваат. Правилата се едноставни:„победник е тој што ќе го натера противникот со папокот да го види сонцето“, како што велат пеливаните.

Само најсилните и најподготвените можат да ги издржат неколкуте последователни борби во борење слободен стил и да стигнат до првата награда на турнирот, која овој пат изнесуваше седум илјади денари.

Штипјанецот Дејан Митров е еден од најискусните пеливани. Со борењето другарува 18 години. Вели дека честа и докажувањето се пред наградите, а најважно е дружењето со другите пеливани од Македонија.

- Поентата на секој ваков настан е да дружиме. Сметам дека само така ќе можеме да ја обезбедиме иднината на македонското пеливанско борење. Мора да признаам дека нема голем интерес кај помладите. Се надевам дека ќе сфатат дека ова е благороден спорт. Не е толку груб како што изгледа, бидејќи се сведува на техника, рефлекс и брзина, вели Митров.

И Бобан Данов од штипската екипа, кој е непобеден во „прва рака“ на турнирот во Куклиш, потврдува дека најважно е дружењето и покажувањето на боречките вештини.

- Јас тренирам борење од свои седум години. Повеќе пати бев државен првак. На покана на нашите постари борачи учествував пред повеќе години на турнир во селото Костурино за Петровден и оттогаш до денес учествувам на сите турнири, вели Данов.

И Исамит Сабир од селото Цветово, Прилепско, секоја година заедно со неговите другари учествува на пеливанскиот турнир.

- Десет години сум пеливан. Љубовта кон овој спорт ја наследив од нашите предци-татко ми и дедо ми биле пеливани и јас ја продолжувам семејната лоза, вели пеливанот Исамит Сабир.

На турнирот во селото Куклиш, кој тамошните жители го нарекуваат „ѓуреш“ годинава учествуваа 30 пеливани и 10 јуниори. Според организаторите најважно што успеале по пауза од една година да ја продолжат долгата традиција на организирање на пеливански турнири.

- Годинава се потрудивме да обезбедиме пристојни награди. Благодарение на поголем број жители на нашето село и на повеќе спонзори успеавме да го организираме „ѓурешот“, рече Перо Крстев, организатор на пеливанскиот турнир во Куклиш.

Според постарите жители на селото традицијата на организирање „ѓуреши“ е стара повеќе од два века. Секогаш се одржува на празникот свети Атанас, кој е слава на селото Куклиш. Велат дека традицијата треба да се почитува, бидејќи таа останува да сведочи за опстојот на селото, но и за негувањето на пеливанското борење во Македонија.

Ристо Тасев



Автор: Администратор
Објавено на: 29/05/2018 11:09