За уставни промени и ерга омнес решение потребна е смела одлука од премиерот Заев за да има договор, вели алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос во интервју за грчкото радио „Њуз247“
- Всушност, во овој момент тежината за постигнување договор е навистина кај другата страна. Потребна е смела одлука од страна на премиерот Заев за двете прашања за кои имаме дискутирано, за уставни измени во врска со името и прифаќање на ерга омнес решение, за да се реши проблемот, рече Катругалос и додаде дека токму ерга омнес и промената на уставот се грчките црвени линии за да постои пакет- договор.
Сето ова, според него, е пакет и токму затоа ништо не е договорено, сѐ додека не се договори сѐ.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, алтернативниот грчки МНР уште еднаш рече дека е оптимист за решение, а договорот е блиску.
-Се наоѓаме многу блиску до решение, а 100-те метри од патот, за кои говореше премиерот во Софија, сега станаа 50 метри. Но, треба да имаме на ум дека се уште немаме договор, истакна Јоргос Катругалос во интервјуто за грчкото радио.