Со четири настани од денеска до 1 јуни Фото-киноклуб „Козјак“ од Куманово ќе одбележи 70 години од основањето во 1948 година. Чествувањето ќе почне вечер во „Кашмир рокенрол бар“ во 20 часот со целовечерно прикажување фотографии од членови на „Козјак“ заедно со фотографии од членовите на пријателските клубови од целиот Балкан.

- Во свечената сала на „Занатски дом – Куманово“ утревечер од 20.30 часот ќе биде одржана почест за драгиот и прерано заминат член на клубот - Лазар Ѓорѓевиќ, филмски работник. Во склоп на вечерта ќе бидат прикажани филмови кои ги има снимено како режисер и филмаџија. Во четврток во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во 20 часот ќе биде отворен Мајски салон 2018, изложба на фотографии создадени од членовите на фото-кино клуб „Козјак“. На салонот ќе може да се видат дела изработени од основањето на клубот до денес, соопшти клубот „Козјак“.

Последен настан за јубилејот ќе биде во петок - кинопроекција на филмот „Копање“, режиран од Ивица Димитријевиќ и Мартин Иванов, во МКЦ „Козјак“ - Куманово од 20 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/05/2018 13:57