Приватни и правни лица од Охрид реагираат на продолжениот висок водостој на Охридското Езеро, тврдејќи дека несовесното стопанисување со водите од езерото им предизвикуваат штети, како на нивните објекти лоцирани на првата линијата од крајбрежјето, така и во видоизменување на самиот брег и крајбрежниот појас со плажите.

- Целта ни е да ги информираме надлежните и алармираме јавноста за проблемите со кои во континуитет се соочуваме поради високиот водостој на Охридското Езеро. Сметаме дека тоа е последица на несоодветниот начин на стопанисување со водите од езерото. Оттаму бараме анализи и мерки за враќање на водостојот на езерото на нормалните пропишани коти, изјави Михаил Мишев, жител на Стариот град во Охрид и сопственик на угостителски објект на самото крајбрежје.

Димитар Зарчев, сопственик на куќа на самиот езерски брег, од своја страна појасни дека и при целосно отсуство на ветер, водата го преплавува односно се прелива преку терасите на нивните објекти, правејќи ги неупотребливи.

- Два месеци поминаа од силното невреме и брановите, ние се уште имаме проблеми со водата. Постои меѓународен Закон за водостојот на Охридското Езеро од 1964 година после големите поплави, а потоа беа и утврдени коти што би требало да почитуваат, заради спречување несакани последици, истакна Зарчев.

Тој смета дека законските одредби ги пропишуваат надлежностите околу водостојот на езерото со кое стопанисува „ЕЛЕМ“, така што доколку котата биде надмината се работи за директна нивна одговорност.

- При градењето на објектите на улицата „Коста Абраш“ ние се раководевме според утврдената кота 693,5 метри надморска височина, точно согласно урбанистичката регулатива. Куќите се градени со одобрение на градба, прописите беа почитувани, и ние сега не можеме да ги корегираме објектите, истакна Зарчев.

Како дополнителен поблем тој ги посочи осцилациите на водата, што се минифестираат на различни негативни начини, поткопување на темелите и нарушување на статиката на објектите.

Тие нагласуваат дека се свесни оти се ова што го кажуваат им е познато на одговорните, но оти нема да дозволат несовесното односно профитерско размислување на стопанските субјекти да им предизвикува штети.

Според нив, ова е нивен првичен јавен апел до надлежните институции, додека не исклучуваат и соодветни правни дејствија што има стојат на располагање преку кои би ги докажувале нивните тврдења за предизвикани материјални штети.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/05/2018 14:00