Руралните општини во Тетово повторно се соочуваат со недостиг на средства за пренесување на отпадот во Дрисла - Скопје или регионалната депонија Русино.
Сметот се повеќе се држи во импровизираните центри за акумулирање на отпад кои се распределени низ Полошката Котлина, а кои исто така влијаат врз загадувањето на воздухот во овие жешки денови.
- Ова се случува поради намалување на процентот на плаќањето од страна на граѓаните, изјави за МИА претседателот на општина Врапчиште Исен Шабани.
Тој додава дека единствениот спас за носење на отпадот е помошта, која се очекува да стигне од Министерството за животна средина, која има определено средства за прочистување на општините од акумулираниот отпад и дивите депонии.
Проблем со носењето отпадот има и општина Боговиње. И таму поради нискиот процент на плаќање не се во можност да го носат редовно отпадот и да го депонираат во Русино или Дрисла.
Општината Боговиње бара итно од Владата да им помогне на помалите општини оти жешките денови кои доаѓаат ќе го проблематизираат уште повеќе овој проблем.
Инаку Полошкиот регион е познат по големиот број диви депонии низ нивите на Полошко, но и по зголемување на нивниот број.