Еминентни писатели, поети, академици, ќе учествуваат на Рациновите средби 2018, кои ќе бидат збогатени со нови научни содржини и богата културно - уметничка програма. Градоначалникот Аце Коцевски на денешната прес-конференција ја презентираше програмата на претстојното 55-то издание на културната манифестација „Рацинови средби“.

- За мене Рациновите средби треба да бидат една од трите најважни културни манифестации во Република Македонија заедно со Охридско културно лето и Струшките вечери на поезијата. Тоа, за жал, во моментов не е така. Затоа наш императив е да го вратиме стариот сјај на Рациновите средби и Велес повторно да биде препознатлив по Рацин и Рациновите средби наместо по питијадата и други маргинални манифестации, рече Коцевски.

Според градоначалникот, оваа година е особено значајна затоа што се одбележуваат три значајни јубилеи: 110 години од раѓањето, 75 години од смртта на Коста Солев Рацин и 55-то издание на културната манифестација „Рацинови средби, рече Коцевски.

Манифестацијата ќе се одржи на 13, 14 и 15 јуни на Лопушник и во Велес. Покрај традиционалното оддавање на почит на Спомен-костурницата и спомениците на Коста Солев Рацин, програмата вклучува засадување на садници во Рациновата шума, изложба на портрети на Рацин од академскиот сликар Ангел Петров, поетски митинг со учество на 20 поети од земјава и странство, како и Меѓународна конференција на тема „Афирмацијата на статусот и корпусот на македонскиот стандарден јазик - Рацин и македонскиот јазик“ во организација на Советот за македонски јазик при Владата на Република Македонија.

Програмата вкулучува промоција на книга од проф. д-р. Вера Стојчевска Антиќ посветена на Коста Солев Рацин. Годинава честа да ја напише Беседата за Рацин ја има проф. д-р. Кристина Николовска. Наградите Антологија на болката, Почесното Рациново признание и Рациновото признание за 2018 година ќе бидат доделени на 15 јуни во Велес.

Рациновите средби 2018, со свој настап ќе ги збогатат камерно- црковниот хор „Св. Великомаченик Пантелејмон“, македонскиот и светски виртуоз на гитара Влатко Стефановски и етно-групата Љубојна“. Главните свечености ќе се одвиваат во Народниот театар „ЈХК-Џинот“.

Градоначалникот Коцевски најави можност за организација на манифестацијата во Младинскиот парк за да може да присуствуваат што повеќе граѓани. Оваа алтернатива ќе зависи од временските услови и техничките можности.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/05/2018 22:45