Не сакам да работам во канцеларија или фабрика, најубаво ми е кога извршувам земјоделски работи, вели неготинката Лилјана Вучкова.
Нејзиното семејство има триесетина декари ниви. Но откако со сопругот и синот ги завршуваат работите во сопствениот земјоделски имот, потпомогнати малку од нејзините родители, вредната жена со години наназад аргатува и по туѓите лозја. За неа не постојат општински граници, па деновиве заедно со поголема група тиквешани, аргатуваат по лозовите насади на сопственици со поголеми земјоделски површини во Струмичко и Радовишко.
- Наутро тргнуваме во пет и нешто, работиме од 7 до 14 часот. Кај 15, сме веќе дома. Ни плаќаат по 100 денари за час работа, плус исто толку за јадење, или вкупно 800 денари дневница. Парите за аргатите се исплатуваат преку трансакциска сметка и за нив е платен персоналниот данок. Јас и една пријателка аргатка ги организираме работите за околу педесетина и на шега знаат да кажат дека сме шефици, но ние турбо работиме крај виновите лози исто како и сите други. Сите ние сме доказ дека има вредни луѓе кои сакаат да работат, наспроти оние кои здрави прави само лежат дома и бараат друг да им помогне за да преживеат. Ако до 17 одмарам, до 20 часот можам и на сопствените ниви да поработам, вели 45-годишната жена која вози и трактор.
Таа е здравствено осигуран земјоделец веќе неколку години, а се надева дека и правото на пензија ќе го оствари токму преку земјоделската работа која воопшто не и е мачна.
Ја прашав, зошто се мачи на полињата кои се своевидни производствени погони под отворено небо, а аргатите изложени на секакви временски услови и зошто не побара работа во фабрика.
- Не можам, не издржувам во затворена просторија. Поубаво ми е на чист воздух. Потекнувам од селото Курија и од бебе, што се вели, сум по нивите. Никаков проблем не ми е обработката на лозов и прасков насад, тутун. Коментираат, малку ти се твоите ниви, па работиш и на туѓи, но јас не обрнувам внимание. Можеби некој некогаш и се срамел ете што аргатува, но за мене аргатлукот е како и која било друга работа. Можеби рацете ми се извалкани од работа со земја, ама душата ми е чиста, заработувам на чесен начин, вели Вучкова.
За неработливите, нема место во аргатската група. - За тие што денес ќе дојдат да аргатуваат и се жалат дека им жеже или слично, утре нема работа. Нема место меѓу нас исто така и за тие што се мрзливи, или го оштетуваат на пример лозјето во кое аргатуваме, со својата неквалитетна работа. Како што во моментов ги чистиме ластарите без грозје од виновите лози, двојниците, така и нашата група ја чистиме од своевидни паразити кои чекаат други да ја завршат работата за нив, кажува мојата соговорничка.
- Постојано имаат работа, од врзување на лозовите прачки во март, па до берење на грозје во октомври месец. Во меѓувреме, други земјоделски обврски. Речиси секојдневно се по нивите, таму каде што има потреба од нив, но недела им е за одмор.
- Ведро расположение има постојано додека работиме, тоа никогаш не не напушта. Знаеме да кажеме дека нам климатизирани простории не ни требаат, нас ветерчето по полето природно не лади. Понекогаш ние аргатките се шегуваме и го молиме ветрето да дувне, за да ги излади нашите свекрви или снаи кои се дома под сенката. А се раскажува и вицот за свекрвата која се жалела дека ќерка и ја боли главата од седење по цел ден во климатизирана канцеларија. Кога ја прашале не ли и е жал за снаата која се мачи по лозјата на секакви временски услови, рекла, аа нее, таму дувка ветрец, открива Лиле.
Додека аргатуваат, а ги има и мажи и жени, за полесно да оди работата, разменуваат вицови, посни, но и мрсни, а се пеат и песни за да не ги фати дремка. Така ја одржуваат позитивната работна атмосфера и се релаксираат на некој начин. Вели дека како песна им е и патувањето со автобус од три часа во два правца до Струмица на пример, затоа што знаат како да си го разубават времето поминато заедно. А ги бараат, додава, затоа што добрите аргати се секогаш на цена. Неквалитетните, самите ги отфрлаат од себе.
- Наместо да се гориме на некоја скапа плажа, ние бесплатно се сончаме на зелено море. Наместо да плаќаме за теретана, набиваме мускули во лозјата. Весела дружина сме, се шалиме на своја сметка и не се лутиме, а разговори на сериозни теми и политика, свесно избегнуваме, затоа што може да се скараме, а ние тоа не го сакаме, искрена е таа.
Кажува дека во Струмичко работеле кај газда кој на лозовите плантажи им има ставено мрежи како заштита од град. Работат со години, а првпат виделе такво нешто. Благодарение на нив, додека работат, сонцето не ги пече директно. Многу потешко е без мрежа, иако редовно си носат капи на главите. Од змии се штитат со соодветни обувки, долги панталони и нараквици на рацете.
- Велат дека змиите напаѓаат само ако се почувствуваат загрозени. Многу поопасни се мрзливите луѓе, на кои сон им е да работат во канцеларија. Тие или се излежуваат по цели денови и плукаат по се и сешто како некој да им е крив што се неспособни, или ќе се нафатат да аргатуваат, па очекуваат некој друг да им помага и да ги влече по редот на лозјето што се вели, додека тие зјапаат во телефонот или којзнае што слушаат на слушалките на ушите, децидна е Вучкова.
Освен во земјоделството, активна е и на многу други полиња. Претседател е на Организацијата на вешта жена за Неготино и важи за марифетна домаќинка.
Пријатно е да се разговара со неа. Секогаш ведра и насмеана, порачува дека ништо не е тешко во животот, ако се работи со љубов.
Светлана Дарудова