Отпорот на Франција, Холандија, Белгија, Луксембург и Данска пред сѐ се однесува на Албанија, која голем број други земји членки би сакале да ја видат во пакет со Македонија на јунскиот самит каде треба ЕУ да ги одобри априлските препораки на Европската Комисија за овие две држави, велат дипломатски извори во Брисел.
По бурата што се појави во македонската јавност со објавување на “нон-пејперот“ на Франција и Холандија, во кој овие две земји негодуваат за почеток на преговори со Македонија, дипломати од другите земји членки во Брисел тврдат дека всушност Франција, Холандија и нивните сојузници, Белгија, Луксембург и Данска, се противат повеќе на Албанија, отколку на Македонија. Проблемите со организираниот криминал, големиот број „лажни“ барања за азил од Албанија, но и „лошиот“ личен однос на албанскиот премиер Еди Рама со некои земји членки на ЕУ - што било посебно видливо на софискиот самит - се главните причини за отпорот на земји како Франција за позитивни одлуки за старт на преговори во јуни, велат за МИА дипломатски извори во Брисел.
Меѓутоа дипломатите се уверени дека “ќе биде многу полесно да се убеди Франција“ кога станува збор за Македонија и дека ќе има “притисок од толку многу земји членки“, вклучително и од Германија, што ќе биде тешко да не се даде зелено светло, секако, само доколку се пронајде компромис за името со Грција. Без тој компромис, „ќе биде исклучително тешко“ да се убеди Франција и нејзините сојузници, велат во Брисел.
Доколку земјите што се против преговори не попуштат во јуни, а спорот за името биде решен, се размислува за неколку планови Б, на пример во облик на „условен старт на преговори“. Варијанта која не им се допаѓа многу на поддржувачите на Македонија, бидејќи, како што велат „не гледаме со што конкретно би ја условиле“ доколку е решено прашањето со Грција. “Се разбира доколку се сака, секогаш можат да се најдат некои реформи за условување“, и во тој случај “условениот почеток на преговори“ би се одложил за крајот на австриското претседателство, односно декември 2018, велат дипломати за МИА во Брисел.
Тие додаваат дека е можно Франција во преговорите на јунскиот самит на ЕУ да се подготвува да “попушти за Македонија, но да ја блокира Албанија“. Тоа би било дилот што се најавува со тврдиот став на Париз и неговите сојузници. Во Брисел, пак, се шпекулира и дека Франција би можела да бара и други отстапки, од Германија посебно, во замена за старт на преговори со Македонија, особено околу финансиските и економските прашања, во време кога ЕУ преговара за претстојната финансиска рамка на Унија, чија главна жртва ќе биде земјоделието, кое им е посебно важно на Французите.
“Сепак, останува многу неизвесно колку Меркел е подготвена да попушти за толку важна работа, како финансиските прашања во замена за Македонија,“ предупредуваат изворите на МИА во Брисел.
Европските дипломати се подготвуваат за “напнат“ Самит во јуни, но велат дека во секој случај ќе биде “многу тешко“ да не и се дадат преговори во еден или друг облик на Македонија, доколку се реши спор стар над 25 години, јавува дописничката на МИА во Брисел.
-И Грција се залага за отворена европска перспектива за земјите од Западен Балкан, порачал шефот на грчката дипломатија на појадокот со министерот Никола Димитров во Брисел.
Доколку преовлада “условен“ или “одложен“ старт на преговори во Македонија, дипломатите во Брисел, исто така, предупредуваат дека владата не треба да го усвојува “наративот на уцена“, односно дека “доколку Македонија не добие старт за преговори, ситуацијата во земјата ќе излезе од контрола“. Тоа е наратив што дополнително ги “лади“ Французите и укажува на “неконсолидирана“ земја, на која токму поради тоа не треба да и се дадат преговори.
Дипломатите во Брисел велат дека Албанија, на пример, ја турка оваа реторика, предупредувајќи дека доколку не и се дадат преговори, антиевропски сили ќе дојдат на власт, со што ги “иритирале“ Французите и нивните сојузници.
Засега, велат дипломатите, премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи, Никола Димитров “добро прават“ што не ја присвојуваат таа реторика, туку велат дека без разлика на стартот на преговори Македонија ги прави реформите пред сѐ поради самата себе. Останува дека некои земји членки на ЕУ како и политичари “не и прават услуга на Македонија“ користејќи го тој уценувачки наратив кога се обидуваат да ги убедат тврдите земји дека треба да се започнат преговори со Скопје.
За крај, во Брисел иако не се коментира организирањето референдум за прашањето за името, загриженост постои. Прво поради ризикот националистичките струи во Грција да го побараат истото, што речиси со сигурност би значело неуспех на процесот. Потоа, поради тоа што би и се отворила врата на Русија да се вмеша во референдумската кампања, што претставува сериозна опасност за исходот на референдумот.
ЕУ, сепак, нема надлежност на Македонија да и ја наметнува или забранува таа одлука, што останува одговорност пред се на македонските власти, велат дипломатите во Брисел за МИА.