Се бараат соодветни одредби за традиционално производство и рурален туризам, затоа што целокупниот туризам не функционира под исти услови, беше речено меѓу другото во Росоман, на средба на заинтересирани претставници за развој на туризмот во селата од Вардарскиот регион. Сопственици на капацитети во рурални средини и такви кои сакаат со таа дејност да се занимаваат во иднина. Сопственик на капацитет во овој регион се осврна на проблемите што ги имал во изминатиот период, на патот кон реализирање на неговите планови.

- Неколку години работам на мојата идеја за селски туризам, но во оваа област според мене, има противречност во законските решенија. Затоа што не може да биде селски туризам ако се купи салама и им се даде на гостите. Така не бива рурален туризам. Додека не се донесат соодветни законски решенија за традиционално производство, нема селски туризам. На овоштарот од Росоман кој не сака да ги продаде праските, треба да му се даде можност да ги преработи во мармалад, слатко и слично, во домашни услови со хигиена на ниво. Тогаш ќе има што да им се понуди на туристите кои го сакаат овој вид на туризам, а не сакаат да јадат нешто купено од продавница. Сите кои сакаат да го работат овој вид на туризам, засега, според мене, имаат можност тоа да го работат на црно, или воопшто да не го работат. Светот знае за дозволено традиционално производство, таму речиси нема ограничувања. Иста е ситуацијата и во винарството. Мали винарии имаат огромен проблем со дегустацијата. А замислете еден земјоделец кој одлучил своето грозје да не го продава и од него да направи вино, нагласи сопственик на капацитет во овој регион, осврнувајќи се на проблемите кои ги имал во изминатиот период, на патот кон реализирање на неговите планови.

Веле Коцев од Росоманско Сирково кој се бави со земјоделство, рече дека не е прашањето дали може или не може да се развие рурален туризам кај нас во Македонија, туку се сака, или не се сака.

- Мое лично мислење е дека секоја општина треба да си изработи свој нацрт-план за рурален туризам. Во изминатите години целта на системот како да беше се што е ситно да се уништи, само крупното да остане, Да ги заштитиме, наместо да ги уништиме нашите автохтони земјоделски сорти, додаде тој.

Весна Јаневска, претседател на Здружението “Вредни росомански раце”, коментираше дека не треба вината да се бара само во институциите, туку и во самите себе. Нагласи дека има цел до која не може сама да дојде и за чие остварување и е потребна финансиска поддршка, но рече дека е неопходна сплотеност, во интерес на сите.

Росоманскиот градоначалник Бранко Јанев рече дека оваа група луѓе ги чувствува како ентузијасти, исто како и него. Тој сподели искуство околу тоа како општините треба да учествуваат во аплицирањето за добивање на средства.

- И ние за жал имаме многу препреки при аплицирањето. Конкретно, последниот повик од Светска банка беше за реконструкција на постоечки туристички потенцијали, кои за жал ние во оваа наша општина ги немаме, или не се регистрирани како такви. И практично не можеше да се стигне до одредени средства, за да може да се ивестира и да се афирмираат тие туристички потенцијали. Росоман важи за општина која нема голем туристички потенцијал, но јас не сум убеден дека тоа е така. Потенцијалот се создава, бидејќи на вакви средби се пројавуваат иницијативи и предлози кои понатаму треба да се развиваат. До пари не се доаѓа лесно, но со добри предлози, има многу начини. Точно е дека се уште постојат бирократски бариери и треба да се работи во тој дел, да се прескокнат многу препреки, за да може да се успее. Треба да имаме мотивација за вакви почести средби на кои се раѓаат нови идеи, а општината дава подршка на сите добри иницијативи, истакна Јанев.

Руралните средини од скопско најинформирани

Средбата поттикната од истражувањето на оваа тема, беше во рамки на проектот „Стратешки развој на руралниот туризам како комплементарна основа за надополнување и надоврзување кон одржливиот развој на Република Македонија“. Проектот го спроведува Рурална коалиција, финансиски поддржан од Фондацијата Претприемачки сервис за млади, во рамки на нивниот пообемен проект „Јакнење на механизмите и капацитетите за реформскиот процес во Поглавје 20 односно Индустриска политика”.

Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална коалиција, изрази задоволство од присуството на градоначалникот на средбата, нагласувајќи дека без поддршката на општините, барем во овој дел, не може многу да се направи.

Таа информираше дека над три ипол милиони евра се издвојуваат секоја година за рурален туризам, само од програмата за рурален развој. Дополнително тука влегуваат и ИПАРД фондовите и субвенциите кои ги нуди Министерството за економија, а само околу четири проценти успеале да искористат од тие средства, па побара присутните да кажат што мислат, зошто е тоа така. Поддршката опфаќа сместувачки капацитети меѓу кои и на отворено, угостителски услуги, рекреативни активности, бележење на вински патишта и слично, за кои можат да се добијат пари од државата.

- Кај оние кои сакаат да се занимаваат со рурален туризам, најмногу недостига, а се покажа со нашето истражување, информација оти руралниот туризам влегува во делот на индустриска политика на државата. А таа индустриска политика најмногу се регулира преку Министерството за економија. И често пати не се следат навремено и соодветно тие повици или субвенции кои се доделуваат, соопшти таа.

Во зависност од регионите, постои разлика околу тоа колкава е информираноста. Руралните средини од скопскиот регион се најмногу информирани и успеале да искористат најголем дел од средствата. Таму соработката со општините и центрите за развој на планските региони е најголема. Следуваат пелагонискиот, па југоисточниот. Руралните средини од другите региони имаат мал процент на достапност до информации и искористеност на средства.

Во истражувањето, на прашањето дали се запознати со било какви мерки или програми за поддршка на руралниот туризам, 94 проценти од испитаниците во Вардарски регион одговориле “не”. Претставници на над 120 капацитети биле прашани низ цела Македонија, но имало голем дел кои не сакале да одговорат на прашалникот, иако им било кажано дека станува збор за невладина организација и дека нема да има никакви последици. Но тие тоа најверојатно го поврзале со УЈП и контроли и слично.

- Тоа укажува на фактот дека треба да се олесни даночната регулатива и воопшто начинот на кој функционира руралниот туризам. Дека многу повеќе треба да се работи на овој план во иднина. Сите предлози кои произлегуваат од ваквите средби ќе се достават до надлежните. Мора да покажеме дека ние сме тие заради кои државата постои, а не обратно. Кога тоа ќе го постигнеме, ќе имаме можност за поголемо влијание при донесување на одлуки, децидна беше Јоноски.

Присутните се согласија дека нема да има туристи, се додека има диви депонии наоколу. Освен делувањето на општината со чистење, беше нагласено дека е неопходно исто така подигнување и на свеста кај населението, за значењето на чистата и здрава животна средина.

Светлана Дарудова



Автор: Администратор
Објавено на: 31/05/2018 10:59