Да се врати логото на „Фени индустри” кое беше поставено пред општинската зграда бидејќи компанијата беше најголем донатор при реконструкцијата на кавадаречкиот плоштад, побара советникот Блаже Тасев на седница на Советот на општина Кавадарци.

Тасев рече дека не знае од кои причини било тргнато логото, поставено пред неколку години.

Компанијата „Фени индустри“ испратила и допис за ова, а Тасев побара да се стави на дневен ред на седницата и да се донесе одлука за враќање на логото. Советникот рече дека според законските одредби за донации, поставувањето на логото на донаторот не претставува реклама, а „Фени“ е најголемиот донатор за плоштадот со околу 15 милиони денари.

Според градоначалникот Митко Јанчев, општината има стручни служби и се што е ставено на нелегален начин и без документ, се отстранува. Јанчев рече дека притоа, воопшто нема тенденциозност.

- Во кое својство Советот и со кој легитимен закон ќе наложи да се стават букви на собраниската зграда. За тоа си има закон и простор за рекламирање. Соодветно се издава простор, врз основа на цена. Не може со одлука на Совет да се уредува рекламирањето на кој било правен субјект, нагласи Јанчев.

Градоначалникот додаде дека во договорот за донација, општината нема ниту законски, ниту морален услов, да го стави логото на донаторот на атрактивно место. Притоа нагласи дека локалната самоуправа има прекрасна соработка со сите правни субјекти во општината, а секој донатор има соодветен третман.

- Зарем треба на општинската зграда да се рекламира загадувачка индустрија, запраша Ристо Сакалиев, претседател на Советот.

И Ташо Радњански додаде дека станува збор за Г-1 загадувачка индустрија од која секогаш бара филтри и принципиелна работа по еколошки стандарди.

Лазар Туриманџов рече дека „Фени” има голем број вработени и дека е грешка што е извадено логото на компанијата. Праша зошто никој не е повикан на одговорност, ако осум години некој незаконски бил рекламиран.

За во иднина да нема вакви случаи, советникот Јосиф Стојанов предложи дополнителна точка и компромисно решение, на видни места да има табли на кои ќе бидат набројани донаторите на општината.

По околу четириесет минутни натегања, мнозинството присутни советници, одлучи двете точки да не бидат ставени на дневен ред на вчерашната седница.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/05/2018 12:00