Механизација на јавното претпријатие „Македонија пат“ денеска започна градежни работи за реконструкција на регионалниот патен правец Виница-Делчево преку село Бигла со должина од седум километри.
Во првата фаза ќе се прошири коловозот и ќе се постави нов асфалтен слој на делницата од 2,4 километри од Делчево до Бигла која е најприоритетна. Потоа ќе се продолжи со комплетна реконструкција и на делницата кон Виница.
- Заедно со општина Делчево аплициравме за финансиска поддршка кај Агенцијата за државни патишта, од каде ни одобрија 52 милиони денари за да го обновиме регионалниот патен правец што поврзува неколку планински села во двете општини. Со тоа ќе обезбедиме подобра сообраќајна поврзаност за жителите од целиот регион, рече Ивица Димитров, градоначалник на Виница.
Во последните неколку години интензитетот на сообраќај по овој патен правец е зголемен повеќекратно, за што причина се забраните за користење на магистралниот пат А3.
- Поради честите одрони од карпи кај браната Калиманци магистралата од Кочани кон Делчево често е затворена, па како алтернатива се користи регионалниот пат преку селото Бигла. Тоа предизвика оштетувања на коловозот, па неопходна беше реконструкција и проширување заради поголема безбедност во сообраќајот, наведе градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски.
Регионалниот патен правец од Виница до Делчево е со вкупна должина од 14 километри, а се очекува реконструкцијата на најкритичниот дел да заврши до почетокот на есента.