Промоција на книгата „Панкот е мртов“ од словенечкиот автор Томаж Космач се одржа синоќа во Кочани, како дел од придружните програмски содржини на Драмскиот аматерски фестивал.
Промотор на делото беше книжевникот Владимир Јанковски, кој во освртот рече дека се работи за необична збирка раскази кои функционираат како мали филмски сцени, натопени со трагикомични ситуации и свежи сурови описи.
- Можеби Космач во книгата верува дека панкот е мртов, но просторите на личната слобода, на слободата на индивидуата да избере да биде она што сака да биде, во никој случај не е мртва. И во тоа се состои веројатно една од најголемите вредности на оваа збирка раскази што ги одлично ги преведе Дарко Спасов, па тие функционираат како да се напишани на македонски јазик, истакна промоторот Јанковски.
Авторот Космач имаше неформално обраќање кон публиката, при што во шега рече дека неговиот став е сосема спротивен од она што го кажал промоторот.
- Многумина велат дека панкот уште живее, зашто го играат на концерти, го свират многу бендови, но како движење панкот е мртов. Книгата е збирка на згоди и незгоди, а јас го пишувам она што го живеам. Знам дека имам потреба од доктор, а мојот доктор е психијатар и тој секогаш ми вели - пишувај и само пишувај. Ако не пишувам, тогаш е лошо за мене, рече авторот Томаж Космач.
Во рамки на промоцијата, гостин беше и Марко Брецељ, мултимедијален уметник и фронтмен на поранешната прогресивна рок група „Булдожер“ од Љубљана, кој на сликовит начин комуницираше со публиката, свиреше и пееше, илустрирајќи ги своите сфаќања за панкот.
Во рамки на ДАФ за вечер е најавена промоција на „Македонска рок енциклопедија“ од Тошо Филиповски, а фестивалот завршува утревечер со прогласувањето на најдобрите актери и доделувањето на наградите.