Тим студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии освои прво место на меѓународниот натпревар „EBEC Challenge Balkan“, што се одржа во Ниш, во организација на „Board of European Students of Technology“ (БЕСТ).

Студентите Јасна Станисавлевиќ, Александар Цоневски и Елена Стефановска од ФЕИТ, насока Обновливи извори, заедно со Калина Трајановска од ФИНКИ се натпреваруваа во категоријата тимски дизајн. Во конкуренција од осум тимови од Србија, Црна Гора, Словенија, Босна и Херцеговина и Хрватска, тимот на ФЕИТ изработи прототип на смарт табла (паметна табла) која го олеснува читањето на техничките цртежи, како решение за проблемот со кој се соочува еден од спонзорите на настанот.

Меѓународниот натпревар EBEC Challenge Balkan е европското натпреварување во инженерство на студентската организација БЕСТ, основана 1989 година и присутна на 96 технички факултети во 33 земји.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/06/2018 13:04