Охрид претстојниот викенд ќе го мине во спорт, рекреација и дружење во рамки на најмасовната Спортско-забавна манифестација во градот „Охрид трчаТ 2018“.
Градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски на денешната прес-конференција по повод настанот истакна дека Градот секогаш ќе поддржува манифестации од таков карактер, насочени кон промовирање на здравите животни навики, но и за промоција на градот како наша најпозната туристичка дестинација.
- Секој позитивен дух ќе вроди нови уште подобри акции на граѓаните. Ги повикувам сите граѓани в недела да ги остават настрана партиските односно политичките, етничките, верските различности и заедно да излезат и да ја збогатат оваа манифестација. Посакувам тој позитивен дух да продолжи да се шири низ градот и да имаме успешна туристичка сезона и успех на секое поле, рече Стојаноски кој и самиот ќе биде дел од трките.
Иван Цветкоски кој е ден од организацискиот одбор на „Охрид трчаТ“ изрази уверување дека визијата за промоција на манифестацијата од година во година ќе добива поддршка и во иднина, за што како потврда ги посочи големиот број поединци, организации, институции и компании кои активно ќе се вклучат во манифестацијата, било како поддржувачи, помагатели или како волонтери.
- Почнавме со трката на вработените во СВР – Охрид и медиумите од градот, продолживме со ноќната трка и онаа за учениците од градот. Утре од 11 часот ќе трчаат најмладите, додека главните трки се во недела со почеток од 10 часот. Бројот најавени учесници, од кои повеќето од други држави, укажува дека Охрид овој викенд ќе биде регионален спортски центар, рече Цветкоски.
Самиот настан в недела ќе се реализира преку три трки. Пријавените имаат опција да бидат дел од десет или петкилометарската трка или да формираат екипа и да се натпреваруваат во тим-билдинг трката што ќе се трча на пет километри. Трасата на трката минува низ најубавиот дел на Охрид, низ улиците од централното градско подрачје и Стариот дел на градот.
Најмасовна тим-билдинг екипа во рамки на „Охрид трчаТ“ ќе биде онаа на Здружението на граѓани за ретки болести „Живот со Предизвици“. Шеесеттина нивни активисти, но и сами пациенти со ретки болести и нивни семејства преку учеството на манифестацијата ќе ја дадат својата поддршка со цел подигнување на јавна свест, навремена и бесплатна дијагноза, пристапност и достапност на лековите за пациентите со ретки болести.
Инаку, за трите трки веќе се пријавени повеќе од илјада спортисти и рекреативци, а свое учество во манифестацијата веќе потврдија и министрите Венко Филипче, Дамијан Манчевски и Драган Тевдовски, амбасадорите на САД и на ЕУ Џес Бејли и Самуел Жбогар, како и многу други јавни личности и естрадни уметници.