Mладите ракометари на ракометниот клуб „Прилеп“ кои станаа државни прваци во кадетска конкуренција, денеска ја посетија локалната самоуправа заедно со стручниот штаб и се сретнаа со прилепскиот градоначалник Илија Јованоски.
Честитајќи им го големиот успех, Јованоски рече дека оваа млада генерација ракометари го навести враќањето на славните денови на прилепскиот ракомет, а тој и општината секогаш ќе ги поддржуваат спортот и младите спортисти.
-Сакаме да го вратиме духот на спортот во Прилеп, а со сите чекори кои ги правиме, тоа го потврдуваме. Финансиска и логистичка поддршка од локалнатаа самоуправа секогаш ќе има, ама тие средства треба да завршат во рацете на вистинските спортски работници и спортисти. Прилепчани го сакаат ракометот, ја познаваат ракометната игра и сигурен сум дека од оваа генерација ќе произлезат идни македонски репрезентативци, изјави Јованоски.
Според тренерот на кадетската ракометна екипа, Адријано Котевски финансиската помош од локалната самоуправа беше многу важна за да се гледаат натпревари од ракометната Супер лига во Прилеп и следната сезона.
-Кога се собра оваа екипа, си дадовме задача и си поставивме една цел дека ако дадеш сѐ од себе, секогаш ќе бидеш победник. Во овој состав екипата работи од 14 август минатата година. До денеска, одржани се 274 тренинзи, одиграни се 10 пријателски и 30 првенствени натпревари, бидејќи истата екипа се натпреваруваше и во младинската лига. Постигнати се околу 900, а примени 700 голови. Продолжуваме понатаму, нѐ чека многу работа за да дојдеме до зацртаната цел, а таа е Прилеп да има стабилен прволигаш со домашни играчи, нагласи Котевски.
Кадетската екипа на РК „Прилеп“ ја освои шампионската титула на ракометниот “Фајнал фор“, кој минатата недела се одржа во спортската сала на прилепското средно училиште „Ристе Ристески-Ричко“.