Експерти по информатички технологии од централни банки на 15 држави учествуваа на 4. Меѓународен форум што во организација на Народната банка на РМ се одржа во Охрид.

Преку презентации и отворена дебата експертите ги споделуваа своите знаења и искуства за различни аспекти на развојот и одржувањето на апликациите и ИТ-сервисите. На собирот меѓу другото беше посветено внимание не само на најдобрите практики во процесот на развој и стандардизација на софтверските решенија коишто се користат во централните банки, туку и на клучните фактори за обезбедување висок квалитет на управувањето со нивниот животен циклус и на нивното одржување. Акцент во дискусиите беше ставен на системите за обработка на плаќања, процесот на планирање на развојот на апликациите и начинот на одредување приоритети на проектите, управувањето со правата на пристап во апликациите, складирањето податоци во централно-банкарските институции и на управувањето со нив, воведувањето софтвер за управување со големи бази на податоци, како и на ИТ-платформа за деловна анализа на податоци.

Претставниците на централните банки кои учествуваа на Форумот во своите излагања ги презентираа своите искуства и натамошните планови за подобрување на процесот за развој на апликации, при што посебно беше истакната агилната метода за развој на апликации со употреба на техниката СЦРУМ (SCRUM). Тие вршеа компарација меѓу презентираните и сопствените искуства, а беа иницирани и за можни решенија што би придонеле за натамошно унапредување на развојот и одржувањето на апликациите и ИТ-сервисите во централните банки во целина.

Претставниците на НБРМ пред учесниците на собирот го претставија процесот на планирање и на управување со проектите за развој на апликации во националната централна банка.

За дилемата дали развојот и одржувањето на апликациите и ИТ-сервисите да биде надлежност на надворешни субјекти или тоа да биде задолжение на информатичарите од самите банки, експертите со став дека одлуката за тоа зависи од пазарот во земјата каде што работи централната банка.

Констатација е дека за земји каде што нема широк пазар како Македонија, попрактично би било за поголемиот дел од апликациите и ИТ-сервисите да се грижат сопствени обучени ИТ-тимови. Фактот што проектите за развој на апликации во голема мера зависат од луѓето и нивната мотивирност, дополнително ги обврзува централните банки да вложуваат многу не само во својата ИТ-инфраструктура, туку и во јакнење на капацитетот на стручниот кадар од оваа област.

Во таа насока е поддржано настојувањето на НБРМ, преку овој традиционален централнобанкарски форум за ИТ, којшто е единствен во овој дел на Европа, да даде придонес и за подигнување на нивото на знаење кај ИТ-специјалистите кај присутните централни банки.

Заедничка оценка на учесниците на Форумот во Охрид е дека споделените искуства и мислења, како и заеднички донесените заклучоци во врска со низа прашања ќе придонесат за подобрување на развојот и одржувањето на апликациите и ИТ-сервисите кај централните банки, а воедно и ќе овозможи подобра комуникација за сите идни прашања од односната област.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/06/2018 15:56